28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнгеловска на Emerging market winter conference: Со акциски план и конкретни мерки...

Ангеловска на Emerging market winter conference: Со акциски план и конкретни мерки до подобри резултати за сузбивање сива економија

Преку спроведување на конкретни мерки и политики за сузбивaње на сивата економија, ќе работиме на подобрување на наплатата на приходите, како и преку инкорпорирање на технологијата во процесите. Ова го истакна министерката за финансии Нина Ангеловска, одговарајќи на прашање „како до раст на буџетската приходна страна“, на панел-дискусија на конференцијата на УниКредит – „Emerging Market Winter Conference“, која се одржува денеска во Виена, Австрија.

Ангеловска истакна дека забрзано се работи на Акциски план за сузбивање на сива економија и посочи дека со ефикасно адресирање на неформалната економија, наплатата на даноците може значително да се подобри – само кај ДДВ може да се очекува потенцијално зголемување на наплата за 1% до 2% од БДП.

– Еден начин да се подобри наплатата на приходи е адресирање – „атакување“ на сивата економија со конкретни мерки и активности. Во моментот развиваме акционен план. Министерството за труд и социјала има Стратегија за сузбивање на сивата економија. Има одделни мерки и во Министерството за финансии, во УЈП и Царинската управа. Сепак, ова е клучен приоритет и затоа создаваме посебен – наменски акциски план во Министерството за финансии. Акцискиот план вклучува различни мерки, од инспекции и зајакнување на капацитетите на институциите до меки мерки, по примерот на МојДДВ и МoјДДВ #МојаНаграда, кои даваат одлични резултати. Покрај тоа, додаваме нов, посебен сегмент, кој се бори со сивата економија во е-трговијата. Друг начин да се мобилизираат повеќе приходи е со примена на технологиите во процесите. Технологиите се решение за борба против корупцијата, за зголемување на ефикасноста на даночниот систем и автоматизирање на процесите – рече Ангеловска.

На панелот на кој учествуваа и министерот за финансии на Романија Флорин Ситу и Ден Букса – главен економист за Централна и Источна Европа на Уни кредит, се зборуваше и за очекувањата за економски раст во земјите од регионот. Министерката за финансии истакна дека Република Северна Македонија ги натфрлила проекциите за раст на Меѓународниот монетарен фонд – дури и покрај тоа што Фондот во 2019 година два пати ја зголемуваше проекцијата за раст за земјава. Таа посочи дека годинава се очекува раст на економијата од 3,8%.

Ангеловска рече дека е подобрена реализацијата на капиталните инвестиции, која во 2019 година изнесува 78% од проектираното, додека реализацијата на инвестиции на Јавното претпријатие за државни патишта изнесува 85%.

-Со Буџетот за 2020 година издвоивме 385 милиони евра за капитални инвестиции, што претставува 3,2% од БДП и 10% од јавните расходи. Ова е над европските таргети, односно јавните инвестиции во Европската унија учествуваат со 2,7% од БДП и 6% од јавните расходи. Исто така, преку Јавното претпријатие за државни патишта се издвоени дополнителни 195 милиони евра за инвестиции во патната инфраструктура. Тоа се 580 милиони евра капитални инвестиции – рече Ангеловска.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП