19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМинистерот Трајан Димковски ја посети Струмица како дел од инфо-караванот за Мерка...

Министерот Трајан Димковски ја посети Струмица како дел од инфо-караванот за Мерка 3 од ИПАРД

Во Струмица во Дом на АРМ се одржа инфо ден за Мерка 3 од ИПАРД програмата 2014-2020. Информирањето и едукацијата за Инструментот за претпристапна помош на Европската унија за рурален развој – ИПАРД 2014 – 2020, од страна на секторот за управување со ИПАРД фондовите при Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство продолжува и оваа година.

На инфо денот беше присутен министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски, кои пред Струмичани ја претставија Мерка 3.

„Мерката 3, се однесува на инвестиции во преработувачки капацитети за: млеко и млечни производи, месо и производи од месо вклучително јајца и живина, овошје и зеленчук, житарици, мелнички продукти и скроб, растителни производи и маснотии од животни, шира, вино и оцет. Вкупно на располагање на овој јавен повик се 13,3 милиони евра. Изминативе три години, како министерство заедно со Платежната агенција бевме фокусирани на олеснување на административните процедури за мерките од ИПАРД 2, со единствена цел да ја зголемиме искористеноста што е важна за прилагодување на земјоделскиот сектор и руралните средини кон Заедничката земјоделска политика на Европската Унија. Крајниот бенефит ќе го имаат земјоделците, затоа што преку модернизирање на производството и создавање на конкурентни земјоделски производи ќе имаат поголеми приходи од производството“, рече министерот Димковски.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, посочи дека мерката 3 дава можност за отпочнување на нови или модернизирање на постојаните капацитети од преработувачката индустрија, а токму во Струмица и струмичко, како што рече, го има вистинскиот спој помеѓу примарното и секундарното производство. Со помош на овие средства веќе голем број на капацитети се модернизирани и го зголемиле производството, а со тоа стануваат и поконкурентни.

„Со потпишани 1.480 договори во висина од 32,8 милиони евра или 41отсто од расположливите средства преку ИПАРД 2 програмата покажува дека сме лидери во спроведување на оваа Програма,“ дополни Бабовски.

Од поднесените барања, Платежната агенција има процесирано 824 барања, при што се исплатени вкупно 12,5 милиони евра финансиска поддршка. За првпат, нашата земја нема да враќа пари во ЕУ поради слаба искористеност, туку, поради зголемениот интерес ќе бидат потребни уште пари за дореализација на програмата, појасни министерот Димковски.

Инфо денот во Струмица е дел од серијата на инфо денови кои што ќе се реализираат низ целата држава и кои ќе им помогнат на граѓаните и заинтересираните да се запознаат подобро со ИПАРД Програмата.

Информациите околу деталите, потребните документи и јавните повици, сите заинтересирани може да ги погледнат на веб страниците на Телото за управување со ИПАРД фондовите, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и тоа http://www.ipardpa.gov.mk, http://ipard.gov.mk, http://mzsv.gov.mk/, http://agencija.gov.mk/ или да се јават во сектор ИПАРД при МЗШВ на 02/3134-477 локал 113, 114 и 115 во АФПЗРР 02/3097-460 и АПРЗ 047/228-330 и 047/228-370.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП