25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМКД-ЕУ 2019: Наместо ветениот датум, земјава доби нон-пејпер за нов начин на...

МКД-ЕУ 2019: Наместо ветениот датум, земјава доби нон-пејпер за нов начин на преговарање

Северна Македонија годинава не го доби ветениот датум за почеток на преговори за членство во Европската Унија. Наместо тоа, првпат беше ставено под прашање и натамошното проширување на ЕУ, а Франција, која стави вето Северна Македонија и Албанија да добијат почеток на преговори, набрзо потоа излезе со нон-пејпер во кој го предлага и го образложува новиот начин на преговарање на земјите-кандидати.

За Северна Македонија, по речиси 15 години кандидатски статус и со десет последователни препораки на Европската Комисија за отворање преговори за членство, земјите-членки на ЕУ успеаја да се договорат само околу тоа дека за ова прашање повторно ќе се навратат во 2020 година.

Недобивањето датум во земјава предизвика предвремени парламентарни избори. Опозицијата и речиси целата јавност со обвинувања дека земјава го смени името, а сепак за возврат не доби ништо. Унијата, пак, од своја страна, преку евроамбасадорот во земјава Самуел Жбогар, порача дека таа останува тука и ќе биде се поприсутна преку проектите за претпристапна помош, порачувајќи дека местото на Северна Македонија е во европското семејство.

Амбасадорот Жбогар, во интервјуто за МИА во октомври, непосредно по неодлуката за отпочнување преговори, нагласи дека проширувањето останува стратешки приоритет за ЕУ.

– Испорачавте се што беше побарано од вас, го исполнивте вашиот дел. Но во Европската Унија одлуките за овие прашања се носат едногласно, а за жал ние повторно го одложивме ова прашање. Го разбираме разочарувањето на граѓаните и на политичарите од одлуката на Европскиот Совет во Брисел, но остануваме посветени на Северна Македонија и на регионот, рече тогаш Жбогар.

На прашањето дали земјава може да очекува датум на пролет, тој нагласи и дека Европската Унија овој пат ќе се воздржи од лажни ветувања.

„Ова е историска грешка“, беа зборовите на високи европски претставници.

– Одбивањето на францускиот претседател Емануел Макрон да бидат отворени пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија е голема стратегиска грешка, која сè уште може да се поправи, оцени тогашниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, кој во новиот состав на Европската комисија го презеде комесарското место за буџет и администрација.

Тој предупреди и на негативните последици што може да ги предизвика противењето на Париз да се отворат вратите на ЕУ за Скопје и Тирана, а тоа е дека желбата за реформи и нивна имплементација се намалува во сите земји од Западен Балкан, оти кредибилитетот на ЕУ е загрозен, а дополнително се поткопуваат и проевропските политички сили во регионот.

„Срамно е недобивањето датум за Северна Македонија и Албанија“, рече тогаш претседателот на ЕК во заминување Жан Клод Јункер, кој за него недобивањето на датум е изневерување на ветеното кон овие две земји.

-Ако силата на Европа лежи во тоа да бидеме партнер од доверба, некој на кој може да се смета за да го одбрани глобалниот поредок заснован на мултилатерални правила, нашата слабост лежи во тоа што не ги одржуваме нашите ветувања, нашите и оние на нашите меѓународни сојузници. Најдобар пример е нашата политика за проширување и срамната неспособност на европските лидери да си ги одржат ветувањата за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, откако овие влади ги исполнија потребните критериуми. Почитта мора да се добие и ако сакаме да го одржиме нашиот кредибилитет, мораме да го сториме тоа што сме рекле дека ќе го сториме, внатре и надвор, напиша Јункер во својот проштален коментар за „Политико Европа“.

Државниот врв, пак, по недонесувањето датум од страна на Европскиот совет, со став дека во иднина ќе бидат помалку оптимисти.

Во однос на предложената методологија на преговарање, премиерот Зоран Заев изрази очекување дека таа може да се адаптира до првата меѓувладина конференција, што се одржува по неколку месеци од донесување одлука за почеток на преговори.

Заев рече дека новата методологија би била фер шанса за нас. – Ако не` бива успеваме во тој процес и тоа е одржливо, одиме напред. Ако не не бива, на пример ако нарушиме состојба во медиумите, се враќаме назад. Тоа е вистински начин за трансформација на земјите-кандидати, рече Заев и изрази уверување дека брзо ќе се донесе одлука за почеток на преговори и согласно тоа се проектира првата меѓувладина конференција.

Тој побара да се држи мотивацијата на земјава кон европскиот пат, дека ние не бараме веднаш членство, туку сакаме да продолжиме по вистинскиот пат, по патот на реформите, на трансформацијата на нашето општество.

Претседателот Стево Пендаровски, кој оствари средба со шефот на француската држава Емануел Макрон во средината на ноември, рече дека добил гаранција оти новата преговарачка методологија ќе биде донесена најдоцна до март, како што рече, тоа е нешто во што можеме да бидеме сигурни, а сѐ понатаму е политичка одлука.

Пендаровски по разговорите со Макрон оцени дека е умерен оптимист.

– Јас сум умерен оптимист. Не сум радикален оптимист. И од претседателот Макрон не добивме стопроцентна гаранција дека ќе има позитивна одлука до Загрепскиот самит. Имавме гаранција дека ќе биде донесена методологијата што е можно побрзо, тоа значи до март најдоцна. Значи, во тој дел можеме да бидеме скоро сигурни дека така и ќе се случи. Сѐ понатаму е политичка одлука, истакна Пендаровски.

Изрази надеж дека повеќе ќе нема дополнителни барања. – Европа тоа го кажа и Макрон јавно, побара време за себе, за нив да можат да ја устројат подобро методологијата за прием на нови членки, а не вели дека вие имате некои дополнителни услови кои треба да ги исполните за да бидете земја членка, така што остануваме во чекање. Сега да видиме ЕУ колку брзо ќе се преустрои самата внатрешно во однос на ова многу битно прашање, рече Пендаровски.

Непосредно по недобивањето датум за преговори во Скопје кај претседателот на државата се одржа лидерска средба, на која лидерите на политичките партии ја реафирмираа европската определба на земјата. Таму беше постигнат и консензус за одржување предвремени избори. Едногласно беше потврдена интеграцијата во ЕУ како безалтернативна опција за државата.

Заклучоци на Советот на ЕУ во 2018 и јуни 2019 година

Во јуни 2018 година Советот на ЕУ заклучи дека ЕУ ја остава отворена вратата за отпочнување преговори во втората половина на следната година, условено со напредок во реформите.

Согласно тоа, до средина на 2019 требаше да покажеме напредок во имплементација на реформите во судството, безбедносните служби и јавната администрација, како и борбата против корупцијата како области во кои Владата ги започна реформите со планот 369.

По усвојувањето на заклучоците на Советот за општи прашања (ГАК) комесарот за проширување Јоханес Хан изјави дека подготовките за преговори од страна на ЕК ќе започнат веднаш, а со цел да се изврши скрининг процесот, да се изработи преговарачката рамка, како и да се утврдат реперите за отворање на преговорите во клучните поглавја.

Во јуни 2019 година, во заклучоците на Советот на ЕУ се наведува: „Потврдувајќи ги своите заклучоци од 26 јуни 2018, Советот силно го поздравува историскиот Преспански договор и Договорот за добрососедски односи со Бугарија и добро ја забележува препораката на Комисијата за отворање на пристапните преговори со РСМ, базирана на позитивната проценка на постигнатиот напредок и исполнувањето на условите утврдени од Советот. Со оглед на ограниченото време на располагање и важноста на предметот, Советот ќе се врати на прашањето со цел да донесе јасна и суштинска одлука што е можно поскоро и најдоцна до октомври 2019“.

Заклучоци на Советот во октомври 2019 – Совет за општи работи 15 октомври 2019

-Претседателството потсетува на заклучоците на Советот од 18 јуни 2019 за да се врати најдоцна до октомври 2019 на прашањето за препораките на Комисијата за отворање на пристапните преговори со Република Северна Македонија и Албанија. Во светлината на дискусијата на Советот за Република Северна Македонија и Албанија, претседателството забележува дека Советот ќе се врати на прашањето по Европскиот совет, се наведува во октомвриските заклучоци.

Во нив по состанокот на Европскиот совет од 17 и 18 октомври, се подвлекува дека Европскиот совет ќе се врати на прашањето за проширувањето пред Самитот на ЕУ-Западен Балкан во Загреб во мај 2020 година.

Нон пејпер на Франција за проширувањето

Речиси еден месец по Советот на ЕУ, Франција излезе со нон-пејпер за новата методологија на преговарање, што го испрати до земјите-членки. Обновениот пристап во процесот на проширување на Европската Унија што го бара Франција, во кој владеењето на правото и темелните права остануваат во прв план, а клучно е воведувањето на реверзибилноста на преговарачкиот процес, Владата тогаш оцени оти е вреден за поздравување, затоа што, како што посочија, добредојдена е секоја идеја која ќе придонесе за побрз почеток на преговорите на Македонија со ЕУ и која ќе ги направи преговорите поефикасни, посуштински и покредибилни.

– Дваесет години по признавањето на европската перспектива на земјите од Западен Балкан и покрај преземените реформи и преземените храбри чекори за помирување како што е Договорот од Преспа, потребните длабоки и политички економски и социјални трансформации нужни за едно пристапување за ЕУ се одвиваат премногу споро и се уште без конкретните придобивки за граѓаните во земјите кандидати, се наведува во нон-пејперот.

Се истакнува оти затоа е неопходно да се обнови пристапниот процес што ќе ги поддржи земјите од Западен Балкан со конкретни мерки во однос на реформите потребни за целосно усогласување со принципите на владеењето на правото и генерално за примена на европското законодавство.

Постепено придружување, построги услови, поконкретна корист и реверзибилност се четирите услови на кои би се засновал обновениот пристап во преговарачкиот процес, според францускиот предлог. Париз бара целокупниот процес на придружување да биде „постепен и поттикнувачки“.

Како „пребавни“ ги оценува Франција во документот длабоките политички, економски и социјални трансформации потребни за идно пристапување во ЕУ. Смета и дека не се доволни конкретните придобивки за граѓаните во земјите-кандидатки.

Ја реафирмира и „недвосмислената поддршка“ на европската перспектива на земјите од Западен Балкан.

– Поблиски врски со Европската унија се единствениот начин овие земји да се консолидираат, врз основа на владеењето на правото и отворени и плуралистички општества, кои се занимаваат со својот економски и социјален развој, се наведува во францускиот документ.

Откако ќе се отворат преговорите, процесот на интеграција повеќе нема да се заснова на отворање голем број тематски поглавја, туку на неколку последователни фази, кои ќе формираат кохерентни блокови на политики и шема воспоставена од ЕУ, земајќи ги предвид специфичните карактеристики на секој кандидат, каде што е соодветно, предлага Франција.

Владеењето на правото и темелните права би останале интегрално барање од моментот на отворање преговори и би останале такви во сите области за време на процесот, а клучниот предлог на Франција е во усвојување на принципот на реверзибилност, бидејќи се смета дека тоа ќе го осигура кредибилитетот и поттикнувачката природа на процесот.

Според Париз, таквиот принцип е нужен во ситуации кога земјата кандидат делумно или воопшто не исполнува одредени критериуми или престанала да ги исполнува преземените обврски. Во таков случај, европскиот одговор би можел да се движи од запирање на финансиската помош до општа суспензија, во случај да се доведени во прашање основните вредности на ЕУ.

Со нон-пејперот се предвидува дополнителна финансиска помош во предпристапниот период за Западен Балкан, што би подразбирало поголеми предпристапни инструменти и пристап до структурните фондови кои сега се резервирани само за земјите-членки на ЕУ.

-Многу е важно што рамката која ја предлага Франција го потврдува членството во ЕУ како главна и крајна цел на процесот што за нас е неопходен услов за воопшто таа да се разгледува, рекоа тогаш од Владата.

Од витално значење за домашните реформи и за натамошниот развој на државата, според Владата е да се донесе одлука за почеток на преговорите за членство со ЕУ која ќе овозможи во динамичен преговарачки процес да се внесуваат делови од можниот нов пристап за подобрување на методологијата.

-Сметаме дека е особено важно земјите кои ги исполнуваат условите и темелно постапуваат во реформите, непречено и брзо да одат низ процесот на преговори, до конечно членство во ЕУ, потенцираа тогаш од Владата.

За нон-пејперот по неговото објавување се огласи и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој посочи дека е важно со одобрувањето на новата методологија за проширувањето да се определи датум за почеток на преговорите.

-Важно е Европскиот Совет при одобрувањето на оваа методологија да го одобри започнувањето на преговорите. Тоа е многу важно да се надоврзе. Доколку постои дисконекција меѓу методологијата и почетокот на преговорите, тоа нè носи кон нејасен пат. Фактот што се потврдува полноправното членство како единствен пат, фактот дека процесот е започнат и оти се достапни структурни фондови, тоа е нешто ново и позитивно за земјата, посочи Османи.

Вицепремиерот Османи не прецизираше кои точки од новопредложената методологија би можеле да имаат негативно влијание врз евроинтегративниот процес, но додава дека има многу нејаснотии во овој документ, па Владата побарала да биде вклучена во неговата подготовка.

Според најавите нон-пејперот треба да се усвои кон крајот на овој месец, а следниот месец следи кус извештај за реформите.

Неда Димова Прокиќ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП