2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПросечната плата надмина 400 евра – дали ќе продолжи да расте?

Просечната плата надмина 400 евра – дали ќе продолжи да расте?

Државниот завод за статистика (ДЗС) мери континуиран раст на просечната плата. Сепак, Македонија останува близу до балканското и европското дно во однос на примањата на работниците.

Според податоците на ДЗС просечната плата на државно ниво во септември изнесувала 25.435 денари. За една година се зголемила за 4.4%.

Најмногу пораснале платите во секторите: транспорт и складирање (8.8 %), административни и помошни услужни дејности (7.9 %) и дејности на здравствена и социјална заштита (7.3 %). Од друга страна намалување има кај рударство и вадење камен (-1.3%), дејности во врска со недвижен имот (-2.0%).

Највисоки плати имаат секторите финансиски и осигурителни дејности, информации и комуникации, снабдување со електрична енергија и гас и рударство и вадење камен. Најниски плати имаат секторите угостителство, административни и помошни дејности, земјоделство и шумарство и преработувачка индустрија.

„Изминативе 3 до 4 години просечната плата има тенденција на постојан и релативно стабилен раст“ смета економистот Мартин Ѓоргиевски. „Сепак, ова се должи пред се на државните интервенции – покачен минималец и повисоки плати во јавниот сектор“ додава тој.

Експертите предупредуваат дека растот на платите мора да биде проследен и со раст на продуктивноста. Во спротивно економијата ќе се соочи со сериозни проблеми на среден и на долг рок.

„Македонија и сега заостанува во поглед на продуктивноста во споредба со регионот, а оваа разлика само ќе се зголемува доколку не се преземат сериозни мерки за поттикнување на продуктивност“ смета Ѓоргиевски. „И Светската Банка неколку години по ред, особено во најновиот извештај за земјава предупредува токму на тоа. Истото го покажуваат и нашите анализи“ вели тој.

Во последните десет години просечната плата во Македонија пораснала за околу 20%. Во 2010-та била 20.330 денари, во 2014-та 21.327, во 2016-та 22.254, во 2018-та 24.025 и во 2019-та 25.435 денари.

Од друга страна во Бугарија платите за десет години (од 2009 до 2018 година) пораснале за неверојатни 87%. Во Романија се зголемиле за 34%. Следат Полска со 30%, Латвија 21%, Литванија, Словенија и Естонија со 20% и Чешка со 17%.

И покрај солидниот раст Македонија останува закотвена речиси на дното во Европа според висината на просечната плата. Со нето приход 25.435 денари односно 413 евра зад нас се само неколку држави.

Иако просечната плата значително расте останува главниот проблем – богатите стануваат побогати, а сиромашните остануваат сиромашни. Истражувањето на Македонска платформа против сиромаштија (МППС) дека 70% од работниците земаат плата под просечната.

Ова го потврдува и најновата публикација на Државната статистика „Жените и мажите во Северна Македонија“. Во неа стои дека само 3.1% од работниците имаат плата над 40 илјади денари. 4.9% меѓу 30 и 40 илјади, 9.1% меѓу 25 и 30 илјади.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП