26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПоголем данок за постарите автомобили

Поголем данок за постарите автомобили

После Нова Година граѓаните кои ќе увезат од странство постар автомобил со пониски еколошки стандарди ќе плаќаат поголем данок. Законот за данок на моторни возила во среда е на собраниска комисија, а се очекува да биде изгласан од пратениците до крајот на годинава. Од 1-ви јануари наредната година наместо акциза ќе се плаќа данок. А висината на данокот ќе зависи покрај од годината на производство на возилото и неговата набавна цена, и од тоа колкава емисија на јаглерд диоксид испушта во околината, односно колкав загадувач е.

Формулата за пресметка на данокот стои во законот, но вредностите треба да ги донесе Владата со уредба, а се ќе биде јасно откако Царинската Управа ќе го донесе и новиот правилник, кој е најавен за по донесувањето на законот во Собранието. Ќе влијае и типот на гориво кој го користи автомобилот.

„Данокот на моторните возила се пресметува врз основа на податокот за износот на просечната емисија на јаглерод диоксид – СО2 изразен во грам по километар, податокот за износот на 1 грам јаглерод диоксид – СО2 за соодветна категорија во зависност од видот на горивото кое се користи за погон на возилото искажан во денари, податокот за продажната вредност на возилото без вкучен данок на додадена вредност или при увоз податокот за цариската вредност на возилото утврдена согласно царинскте прописи“, стои во  Законот за данок на моторни возила

Возилото за кое не е платен данокот нема да може да помине регистрација, а казните се ригорозни.

Предмет на оданочување со данок на моторни возила ќе бидат новите и употребуваните моторни возила кои се увезуваат и/или за прв пат се  ставаат во слободен промет и/или за прв пат се регистрираат во Република Северна Македонија“, стои во законот.

Од Царинската управа потврдуваат дека  деталите ќе се носат по донесвањето на законот, со подзаконски акти. Во пракса ова ќе значи дека тој што сака да увезе постар и понееколошки автомобил ќе плаќа поголем данок.

Сите подзаконски акти ќе се носат по донесувањето на законот во Собранието. Се воведуваат еколошки параметри во пресметката на царинската вредност на возилата која ќе биде комбинација меѓу староста на возилата и емисијата на СО2 која ја емитува. Тие со понееколошки стандарди ќе плаќаат повисок данок“, велат од Царинската Управа.

Премиерот Заев очекува законот да почне да важи од 1 јануари. Вели целта е да се демотивираат граѓаните да купуваат стари возила.

Со новиот закон за даноци на моторните возила дефинитивно се водиме од еколошките параметри, логично е дека тоа мора и треба да го правиме. Секако преминуваме на едно повисоко ниво на еколошка заштита и во делот на увозот и во делот на купопродажбата на моторните возила. Ако до сега стапките биле до 18 проценти, сега ќе бидат до 20 проценти. Во делот на даноците нема големо покачување на даноците но има демотивација за купување на стари возила согласно лошите еколошки стандарди“, изјави Зоран Заев, премиер.

Сопствениците на плацеви за половни возила кои ги контактиравме се затечени од новата регулатива. Велат дека логично е новиот данок да ги покачи цените на возилата. Но, кои и за колку ќе знаат откако ќе ги видат подзаконските акти, односно како ќе се пресметува данокот.

Законот предвидува патничките возила за превоз на осум или девет патници, амбулантните возила, возила за превоз на починати лица и олд тајмерите да бидат ослободени од плаќање на данок.

Владата овој Закон го најави како мерка во борбата со аерозагадувањето и стимул за замена на возниот парк во земјава. Анализата на податоците пак на Царинската Управа која ја објави „Денар“ покажуваат дека  по улиците низ земјава се вози кршот од  Европската унија. За 10 години се увезени дури  304.183 половни автомобили од странство. Додека само лани  биле увезени 37.000 возила, од кои 88 насто биле автомобили постари од 10 години и речиси 90 проценти биле на дизел гориво.

Статистиката пак покажува дека во моментов низ улиците во земјава се возат околу 460.000 автомобили кои се регистрирани, од кои 270.000 се постари од 18 години. Законот за возила кој беше донесен летово, предвидува идната година автомобилите да добијат и налепници во боја во однос на тоа колкав загадувач се. Идејата е во денови на енормно загадување на воздухот општините да можат да донесат одлука за исклучување на дел од нив од сообраќајот.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП