26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОхрабрувачки податоци – раст на економијата и пад на невработеноста

Охрабрувачки податоци – раст на економијата и пад на невработеноста

Државната статистика излезе со охрабрувачки податоци – во третиот квартал од годинава економијата пораснала за 3.6%, а невработеноста се намалила на 17.1%.

Економијата пораснала за 3.6%

Економијата пораснала за 3.6% во третиот квартал. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) најголем раст е измерен во секторот Рударство и вадење камен (+6.8%).

Следуваат Градежништво (+5.5%), Трговија (+4.9%), Стручни и технички дејности (+4.5%), дејности во врска со недвижен имот (+2.4%), Информации и комуникации (+2.2%),  Јавна управа и одбрана (+1.2%), Уметност и рекреација (+1.0%),  Земјоделство и шумарство (0.8%)  Финансиски и осигурителни дејности (+0.4%).

Од друга страна има намалување на економските активности кај Преработувачката индустрија (-0.5%).

Додадената вредност била поголема за 3.7%, нето-даноците за 2.9%, а финалната потрошувачка за 2.8%.

Бруто-инвестициите поголеми за 14.9%. Извозот пораснал за 8.3%, а увозот за 10.7%.

Кога се ќе се собере и одземе ДЗС пресметал дека Бруто-домашниот производ (БДП) пораснал за вкупно 3.6% во третиот квартал од 2019-та во однос на истиот период од 2018-та.

Вкупниот БДП на ниво на цела држава, вкупната вредност на сите стоки и услуги кои биле произведени, во третиот квартал изнесува 174.897.000.000 денари или 2 милијарди 843 милиони и 853 илјади евра.

Според ДЗС растот на БДП во првиот квартал бил 3.9%, во вториот 3.4% и во третиот 3.6%.

Преработувачката индустрија во негатива

Статистичките податоци охрабруваат, но загрижува падот од 0.5% кај преработувачката индустрија која би требало да биде еден од главните столбови на кои се потпира здравиот и одржлив економски раст.

Сепак, менаџерите од овој сектор се умерени оптимисти. Во последната анкета на ДЗС оценката за економската состојба на деловните субјекти во октомври 2019 година е поповолна во однос на претходниот месец, а поповолна и во однос на октомври 2018 година. Се очекува бројот на вработените да се зголеми.

Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во октомври 2019 година изнесува 69.7 % од нормалното искористување.

Најголемо влијание врз ограничувањето на обемот на производството имаат следните фактори: недостигот на квалификувана работна сила со 23.0 %, недоволната странска побарувачка со 17.5 %, недоволната домашна побарувачка со 14.7 % и неизвесното економско опкружување со 12.2 %.

Невработеноста падна на 17.1%

Невработеноста во третиот квартал од годинава се спуштила на 17.1%. За една година се намалила за 3.8 процентни поени.

Според најновите податоци на ДЗС вкупниот број на невработени изнесува 164.702, а вкупниот број на вработени бил 799.546.

Највисока стапка на невработеност и натаму има кај најмладите. Во категоријата 15 до 24 година таа изнесува 35.3%. Во категоријата 25 до 49 години е 16.9%, а во категоријата 50 до 64 години изнесува 12.1%.

15.4% од мажите и 19.5% од жените се невработени.

Сериозни дисбаланси на пазарот на труд

И при оваа, релативно висока, стапка на невработеност најголем дел од компаниите не можат да најдат соодветен кадар. За сериозна и долготрајна борба со невработеноста треба да се испеглаат дисбалансите на пазарот на труд – Македонија има многу правници и економисти, а малку работници и продавачи.

„Постои јаз меѓу она што е потреба на работниот процес и тоа што системот го произведува како кадар. Имаме разлика и недостаток на практична работа која што треба да ги подготви учениците особено во средното стручно образование за кога ќе го завршат образованието да бидат подготвени да влезат во производствените процеси“, сметаат во Стопанската комора на Македонија.

„Ние се соочуваме во ситуација кога имаме премногу кадар со високо образование. Фабриките побаруваат кадар со средно образование, а луѓето со факултет не се мотивирани да аплицираат зашто платите секако се на ниво кое соодветствува со позицијата“, велат од Сојузот на стопански комори.

К. Н

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП