22 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАБрендот пари вреди – македонските непрепознатливи ниту во регионот

Брендот пари вреди – македонските непрепознатливи ниту во регионот

Големи во Македонија, мали на Балканот и непостоечки во Европа. Земјава нема брендови кои можат успешно да се пробијат надвор од нејзините граници.

Најголем проблем секако се парите – менаџерите не вложуваат доволно во промоција и брендирање на своите производи. Барем така вели бизнис консултантотot Андреј Стаменковски. Според него нашите компании речиси без исклучок размислуваат локално, ретко регионално, а никогаш глобално.

„Потенцијал има, особено во одредени економски сектори, пред се прехранбениот. Главна пречка се финансиите – инвестирањето во маркетинг и ПР, градењето бренд подразбира одвојување на сериозни буџети. Дополнително, самиот менталитет на бизнисмените има влијание“, објаснува Стаменковски.

Поттикнување на иновативноста, поддршка на извозниците, инвестиции во стандардизирање и фокусирање во менаџирање со квалитетот – ова се основните кои треба да се направат пред да се премине кон надградбата, односно кон градењето на силен и препознатлив бренд.

„На долг па и на среден рок не може да очекуваме од Македонија да излезе бренд кој ќе биде препознатлив во Европа. Сепак, може и треба да работиме на освојување на пазарите во регионот“, смета тој.

Создавањето препознатлива марка е напорна и тешка, но не и невозможна мисија, сметаат експертите кои објаснуваат дека на долг рок користа е повеќе пати поголема од трошокот што би се направил. За препознатлив бренд треба да се исполнат многу услови – да се работи на самите производи, да се влијае на навиките на купувачите, да се направи маркетинг стратегија.

Нема поново истражување кое би покажало кои се највлијателните брендови во Македонија. Последното достапно, изработено од компанијата Valicon, се однесува на 2017-та година кога во земјава на првите пет места биле Argeta, Milka, Стоби флипс, маргаринот Кристал и минералната вода Пелистерка.

На листата топ 10 брендови во светот која ја изработи консултантската куќа Interbrand, на прво место е гигантот Apple со вредност на брендот од 234.2 милијарди долари. Следуваат Google со 167.7 милијарди, па Amazaon со 125, Microsoft со 108.8, Coca-Cola со 63.4, Samsung со 61 милијарда, Toyota со 56.2, Mercedes-Benz со 50.8, McDonald’s со 55.53 и Disney со 44.3 милијарди долари вредност на брендот.

Facebook за прв пат по подолго време испадна од топ 10 и се најде на 14-то место.

Interbrand вредноста на брендовите ја пресметал врз основа на три главни фактори – моменталната силина на брендот, односно колку е позитивната перцепција за него; кој е вредносниот систем асоциран со брендот; кои се плановите на компанијата во иднина.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП