Шест извршни директори на македонски компании од денеска до 20 јули ќе ги посетуваат курсевите на Шулих Школата за бизнис во Торонто, Канада, една од десетте најдобри школи за бизнис во светот, a ќе посетaт и неколку познати и успешни канадски компании.
Тие ќе следат курсеви на кои предавачи ќе бидат експерти од меѓународната бизнис сцена, а школарината ќе ја покрие „Македонија 2025“.
Претставниците од Македонија, предводени од Зоран Мартиновски, член на Одборот на директори на „Македонија 2025“, ќе имаат можност да ги посетат канадските компании Сириус Икс-Ем Канада, Бомбардиер, Телус Интернешнел, Магна, Мајкрософт Канада,… За време на посетите ќе имаат можност да се запознаат со претставници на врвниот менаџмент и со начинот на работа на големите компании.
Воедно, ќе имаат можност да учествуваат на многу бизнис настани, чија главна цел ќе биде остварување на бизнис контакти и поврзување со претставници на дијаспората, како и запознавање со потенцијални инвеститори од Канада.
„Македонија 2025“ ќе организира и средба на која ќе учествуваат претставници од Одборот на директори на „Македонија 2025“ и голем број угледни бизнисмени од регионот.