28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПреку самовработување во Куманово отворени над 400 фирми

Преку самовработување во Куманово отворени над 400 фирми

ku

Над четиристотини фирми се отворени во Куманово преку проектот за самовработување кој се спроведува во периодот од 2007 до 2013 година. Најмногу заинтересирани се работоспособните кумановци од 29 до 49 години.

Според податоците на подрачната единица на Агенцијата за вработување во Куманово,последнава година преку оваа мерка од оперативниот план за активни програми и мерки за вработување, се очекува да бидат отворени околу 70-тина фирми,најголем процент мали претпријатија.

– Од отворените фирми дури 90 проценти се успешни, а од нив значителен процент се исклучително успешни.Станува збор за фирми кои во мошне кус период успеаа да се развијат од мали во средни претпријатија со околу триесет вработени, информира Младена Јаќимовска од Агенцијата за вработување Куманово.

Сегашните стопанственици, појаснува Јаќимовска,ги поминале сите фази неопходни за отворање на фирмата, обука на деловно планирање и управување, развој на бизнис-планови, селекција и регистрација на фирмите.

–  Учесниците кои ги задоволија поставените критериуми се стекнаа со право да користат грант во износ од три илјади евра во денарска противвредност за набавка на опрема или материјали согласно одобрениот бизнис план, објаснува Јаќимовска.

Инаку,според проценките на стручните лица од Агенцијата во Куманово за оваа мерка најчесто аплицираат невработени лица на возраст од 29 до 49 години најмногу со завршено средно образование.

Офелија Крстевски 31 годишна од Куманово, дипломиран економист, лани аплицирала за оваа мерка,а пред неполна година го започнала својот бизнис,производство и продажба на домашна храна.

– Иако на почетокот се двоумев, сепак се одлучив да аплицирам и отворив своја фирма. Мои клиенти се млади брачни парови, самци, пензионери сите вљубеници во домашната храна. Во последно време соработувам и со средни фирми кои нудат оброк за своите вработени, вели Крстевски,која освен што самата е вработена, дополнително вработила уште две лица.

Претходно работела во својата струка една година, а потоа се водела како невработено лице во Агенцијата за вработување.

Кумановката Цветанка Крствеска (41) ја искористила истата мерка,но таа отворила погон за производство горен дел на обувки.Прво, во фирмата биле вработени само таа и членовите на семејството.

– Денес со гордост може да кажам дека имам 18 вработени. Имам одлични договори со сериозни фирми од градот, докажани во чевларството каде што го пласирам произведеното. Но, мора да признам дека фирмата бара постојан ангажман и целосна посветеност, вели Крстевска, која претходно две години била невработено лице, но има десетгодишно искуство во овој сегмент од чевларското производство.

Двете стопанственички се надеваат дека ќе го прошират бизнисот.Најавија дека ќе користат други мерки кои ќе им помогнат и самите да вработат дополнителен број на лица.Но, и двете објаснуваат дека за првите три месеци секој кој размислува да отвори фирма дека и покрај поддршката, мора да поседува сопствен резервен фонд за плати и придонеси.

Од Агенцијата објаснуваат дека успешноста на фирмите се должи на координираното делување на сите надлежни институции, на стручните тимови и на волјата на самите апликанти.

– Овие средства не се подаруваат туку се даваат како поддршка, а самата проценка на понудените бизнис планови бара стручна проценка на тимовите колку бизнисот може да се развие,што зависи од квалификациите, степенот на образование, неформалното образовние,в ештините кои ги поседува апликантот, објаснува Јаќимовска.

Во Куманово има отворени претпријатија од различни дејности,но најуспешни се производствените фирми.

– Сепак,развојот на фирмата зависи и од самите бизнисмени како и од моменталната бизнис клима.Имавме случај кога беше отворена фирма од земјоделскиот сектор, а потоа истото лице започна бизнис во градежништвото и успеа да вработи триесетина лица, вели Благе Јакимовски од Агенцијата за вработување Куманово, додавајќи дека кога ќе се отворат фирмите тие подлежат на постоечките законски процедури и дека имаат право да ја менуваат шифрата на дејност.

Јаќимовска додава дека дел од овие фирми се исклучително успешни претпријатија кои од мали прераснале во средни со над триесет вработени лица.

– Станува збор за производство кое само по себе бара повеќе вработени.Како чевларски град, токму оваа индустрија е најчесто застапена,но има фирми и од услужни и трговски дејности, вели Јаќимовска.

Околу десет проценти од фирмите отворени преку оваа мерка се неуспешни. Екипи од Агенцијата за вработување заедно со УНДП кои се вклучени во овој проект ја мониторираат работата фирмите најмалку во првите две години.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП