20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСАД: Богаташите побогати од било кога, нема работни места за средната класа

САД: Богаташите побогати од било кога, нема работни места за средната класа

Класата на американски богаташи е побогата од било кога, и има повеќе пари за луксузни услуги, како што се масажи, маникир и педикир, и ангажирање на приватни тренери.

Додека бројот на работни места за Американците од средната класа продолжува да се намалува, расте бројот на работни места на дното и на врвот на скалата за плати.

„Тоа што ни недостасува во оваа земја се приходите од средната класа – работните места за кои можеме да кажеме се традиционално посолидни и подостоинствени“, истакнува Марк Муро, истражувач од институтот Брукингс.

Работниците во новата, пониска класа, кои се грижат да ги исполнат сите барања на добростоечките, понекогаш се нарекуваат „работници за богатите“, пренесува Voice of America.

„Има повеќе луѓе на врвот кои можат да купуваат услуги“, вели Марк Муро, истражувач во институтот Брукингс.

„Не само што има повеќе богати луѓе, туку има и повеќе луѓе кои се доволно моќни и подготвени да платат за таа услуга – без разлика дали станува збор за инструктори по јога, шетачи на кучиња или курири, кои за нив прават разни мали работи. А на дното на социјалната скала има многу луѓе на кои им треба таква работа“, вели тој.

Работниците во служба на богатите се претежно жени – и латиноамерикаци. Тоа се често луѓе без факултетска диплома, кои работат неколку работи, обезбедувајќи услуги на луѓе кои материјално подобро стојат од нив.

Пазарот на трудот за работници без високо образование е најбрзорастечкиот број на работни места во областа на услугите и личната нега, покажуваат податоците на американското Биро за статистика на трудот. Бројот на такви работни места се очекува да порасне за 17 проценти во наредните 10 години, што ќе доведе до создавање на еден милион нови работни места.

Бројот на работници кои обезбедуваат маникир и педикир е дуплиран од 2010 до 2017 година, според податоците на институтот Брукингс. Бројот на фитнес тренери и шетачи на кучиња се зголемил и до три пати повеќе од просечната стапка на вработеност. Муро вели дека најмалку три милиони луѓе во САД во моментов живеат од такви работни места.

„Не сме толку загрижени што постојат такви работни места, туку тоа што тие не се особено добри работни места поради структурата на работата во Америка. Тие не се добро платени“, вели американскиот аналитичар.

Таквите работници можат лесно да бидат екплоатирани од нивните работодавци и ретко добиваат бенефиции како што се боледување, платен одмор или пензиско осигурување.

Сепак, ваквите работни места се можност за нови имигранти да започнат кариера во Америка. Една третина од американската работна сила во моментот се занимава со т.н. економија на хонорарни работи.

Околу 10 проценти од нив работат со полно работно време во такви занимања, а остатокот прифаќаат повремени работи – како што е возење со Uber – да ги надополнат своите приходи од главната работа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП