20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСи Џинпинг: Кина сака трговски договор, но може да возврати во случај...

Си Џинпинг: Кина сака трговски договор, но може да возврати во случај на нови санкции

Кинескиот претседател Си Џинпинг изјави денеска дека Пекинг сака да работи на трговскиот договор со САД, но не се плаши да возврати во случај на нови американски санкции.

Истакнувајќи го позитивниот тон кој Кина го има во последните денови, Си во разговор со американската деловна делегација во Пекинг изјави дека неговата земја ги поддржува трговските преговори.

„Како што секогаш говоревме, не сакаме да започнеме трговска војна, но не се плашиме. Кога е потребно, ние возвраќаме но активно работиме на тоа да немаме трговска војна“, изјави Си.

Тој додаде дека Кина сака да работи на првата фаза од договорот на основа „взаемно почитување и еднаквост“.

На делегацијата која учествуваше на новиот Bloomberg економски форум, одржан во Пекинг оваа недела, беа и поранешниот американски државен секретар, Хенри Кисинџер, поранешниот министер за финансии, Ханк Полсон, поранешниот трговски претставник на САД, Мајк Фроман и други официјални претставници.

За време на состанокот во Пекинг, Си и повтори на групата дека ставот на Кина е дека договорот бара „взаемно почитување и еднаквост“.

Весникот Wall Street Journal вчера објави дека главниот кинески преговарач, вицепремиерот Лиу Хе, ги повикал своите американски колеги во Пекинг на дополнителни разговори, навестувајќи дека има надеж за напредок.

Најновата ескалација на тензиите дојде откако претседателот на САД, Доналд Трамп воведе казнени царини минатата година на кинескиот извоз во САД во вредност од повеќе милијарди долари, во обид да се засили притисокот врз Кина да воведе промени во својата трговска и инвестициска политика.

Кина возврати со зголемување на своите царини за увоз на американска стока. По постепената ескалација на санкциите и застојот во трговските разговори оваа година, двете страни работат на нешто за што велат дека ќе биде прелиминарен договор, врз основа на кој тие ќе продолжат да решаваат посложени прашања.

Изгледите дури и за таа прва фаза од договорот се неизвесни. Кина соопшти дека сака американската страна да вети постепено намалување на царините, но дека не е сигурно дека Американците се подготвени на тоа.

Во меѓувреме, Трамп се согласи да почека за натамошно зголемување на царините додека продолжуваат преговорите. Меѓутоа, САД и понатаму треба да ги зголемат царините на увозот на кинеската стока во вредност од 160 милијарди долари следниот месец.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП