Иако „Samsung“ оствари одлични резултати од продажбата на 20 милиони „Galaxy S4“, оваа компанија сепак не ги исполни очекувањата на пазарните аналитичари.
„Samsung“ постојано бележеше пораст на продажбата на телефони и профитот, затоа постоеа големи очекувања од последниот модел „Galaxy S4“.
Иако некои првични информации сугерираа дека во „Samsung“ очекуваат продажба од дури сто милиони парчиња на овој телефон, минатиот месец започнаа да кружат информации дека продажбата на новиот „Galaxy“ сепак не е така добра како што очекуваа во оваа компанија.
Од почетокот на јуни вредноста на акциите на оваа компанија е намалена за околу 17 проценти, со што „Samsung“ загуби 34,2 милијарди долари во пазарна вредност.
Цената на акциите вчера дополнително се намали кога „Samsung“ објави информации за финансиските резултати во претходниот квартал во кој е остварена поголема продажба и поголеми приходи, но тие бројки не ги исполнија очекувањата на „Wall Street“, чии аналитичари очекуваа уште повисоки приходи.