26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДобра инвестиција: овие цени ќе одат само нагоре!

Добра инвестиција: овие цени ќе одат само нагоре!

Инвестирањето во ниви и плацови носи сигурна добивка иако на подолг рок. Познавачите велат дека цените можат да одат само нагоре – населението и потребата постојано се зголемуваат, а земјата е ограничен ресурс.

Оние кои пред 10 или 20 години купија плацови сега ги продаваат и неколку пати поскапо. Ова особено важи за Скопје и за околината.

Пред десетина години плац во скопско Бардовци можеше да се најде и за 30 до 50 евра по квадрат, а сега се продава за 80 па и над 100. Тоа е резултат на елитната населба која никна таму.

Слична е ситуацијата во скопски Илинден каде пред една до две децении квадратот беше околу 10 евра, а сега, откако таму се изградија десетици индустриски капацитети, се продава и за над 30.

„Цените ќе продолжат да одат нагоре, ова особено важи за скопскиот регион. Не е предоцна да се инвестира иако добивката нема да биде иста како оние кои мудро изиграа во 90-те години“, вели Мирко Петревски, аналитичар на пазарот со недвижности.

И во другите градови се очекува тенденција на раст на цените на земјиштето иако многу помал во однос на метрополата.

„Кога јас би инвестирал би се одлучил за Охрид, Битола и Гевгелија. Ова се местата со најголем потенцијал за раст и развој во наредните 10 до 20 години“, вели Петревски.

Веќе извесното зачленување на земјава во НАТО и евентуалното приближување кон Европската Унија ќе го поттикне пазарот, сметаат аналитичарите.

„Земјиштето ниту старее ниту расте, побарувачката има тенденција на зголемување што секако влијае и на раст на цените“ вели Петревски.

Познавачите велат дека земјиштето, особено градежното е поисплатлива инвестиција во однос на стан или куќа.

„Цените на становите можат нагло да паднат поради хиперпродукција, а губат и дел од својата вредност поради амортизација. Секоја година излегуваат нови и посовремени материјали па становите изградени пред 10 или 20 години не се споредуваат со оние кои се прават сега. Сето тоа влијае на цените“, објаснува Петревски.

Цените на градежното земјиште постојано растеа уште од независноста на Македонија, но оние на земјоделското имаа тренд  на стагнација па дури и на пад.

Ова делумно се промени пред десетина години кога државата почна да дава големи земјоделски субвенции па многумина земаа огромни површини под концесија, а го обработуваат само заради државната поддршка.

Државата во изминатиот период продаде и големи површини градежно земјиште со почетна цена од евро за квадрат за изградба на хотели, фабрики, бензински пумпи што дополнително влијаеше на цените. Сепак, државно земјиште има се помалку па не се очекува ваквиот тренд да продолжи.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП