19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНекој со кредит, некој со депозит – колку пари има или должи...

Некој со кредит, некој со депозит – колку пари има или должи просечниот Македонец?

Секој Македонец на банките и штедилниците во просек им должи по 1.298 евра. Вкупните кредити заклучно со септември надминале 2 милијарди и 697 милиони евра. За една година се зголемиле за  236 милиони евра.

Според последните податоци на Народната Банка, комерцијалните банки на граѓаните секој ден им одобрувале по речиси 650 илјади евра нови кредити.

Заклучно со јуни во Македонија имало и 229.271 блокирани трансакциски сметки, од нив 188.401 биле на физички лица.

Дел од граѓаните се задолжуваат, а дел штедат. Вкупните депозити на домаќинствата достигнале фантастични 4 милијарди и 267 милиони евра. За една година се зголемиле за 362 милиони евра.

На светскиот ден на штедењето надлежните порачаа дека граѓаните треба да имаат доверба во македонскиот банкарски сектор.

„Зад штедењето стои доверба, а довербата во македонскиот банкарски сектор е голема“, вели министерката за финансии Нина Ангелевска. „Задржан е трендот за штедење на населението како резултат на довербата во банкарскиот систем. Денарското штедење на населението го надминува девизното штедење што укажува на задржување на довербата во домашната валута. Значително е зголемено и кредитирањето на фирмите“ вели таа.

И од Народната Банка велат дека граѓаните се повеќе штедат, но и се повеќе му веруваат на денарот.

„Традиционалната склоност на населението за штедење во банкарски депозити остана задржана и во последната декада што се потврдува преку постојаниот раст на депозитите во домаќинствата којшто со август достигна девет проценти на годишно ниво“, вели гувернерката на Народната Банка, Анита Ангеловска – Бежовска. „Поволна е и структирата на штедење. Трендот на денаризација продолжува со што сега околу 60 проценти од вкупните депозити во банките се во домашна валута што е значаен напредок во споредба со периодот на глобалната криза кога во денари беа околу 40 проценти од штедните влогови“, додава таа.

Од Фондот за осигурување депозити велат дека финансиски се стабилни за евентуално обештетување, а нивни императив е рокот на обештедување од 20 да биде скратен на седум дена.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП