Повеќе од 50 милијарди фунти (57,88 милијарди евра), досега ги чинеше британските банки скандалот со PPI, објави Guardian.
Уште колку ќе ги чини ќе стане појасно кога Lloyds, најголемиот продавач на неуспешни производи, ја заврши сезоната со поднесување извештај за банкарското тргување во четврток.
PPI (Payment Protection Insurance) е акроним, а означува осигурување и заштита на плаќањата и подразбира задолжително или доброволно осигурување за сите корисници на кредити и кредитни картички и тоа животно осигурување, осигурување од несреќи или неспособност за работа поради несреќа и осигурување за невработени.
Досегашниот трошок за исплата на сметки на клиентите и решавањето на жалбите изнесува 53,3 милијарди фунти – пет пати повеќе од трошоците за Олимписките игри во Лондон – според податоците на New City Agenda.
Банките продавале PPI од средината на 90-тите години на минатиот век до 2012 година, ветувајќи дека ќе ги покријат отплатите на заемите на клиентите доколку се разболат или останат без работа. Полисите честопати биле безвредни, затоа што не биле исплаќани или не биле потребни.
Како производ бкле многу профитабилни и се продавале многу. Персоналот за продажба на заеми бил наградуван за форсирањето на PPI и биле под притисок да ги исполнат поставените цели.
Крајниот рок за поднесување тужби бил 29 август, што довело до зголемување на бројот на такви случаи, кои ги изненади банките.
Минатата недела, Royal Bank of Scotland издвои 900 милиони фунти за PPI, што доведе до квартална загуба. Barclays за таа цел издвои 1,4 милијарди фунти.
Денес ќе се изјасни HSBC, потоа Santander во среда и Lloyds во четврток. Lloyds има PPI за речиси 22 милијарди фунти.
Целата банкарска индустрија заработи 44 милијарди фунти од премии и оствари профит од најмалку 21 милијарди фунти на тие полиси. Но, дури и кога ќе се пресмета камата, профитот е мал во споредба со тоа колку ќе чини да ги исправат работите.