Солидните финансиски резултати на некои од најголемите американски компании помогнаа за скок на акциите на Wall Street.
Индустрискиот индекс Dow Jones се зголеми за 250 поени или 0,9 проценти, поширокиот S&P 500 за 1,0 проценти, додека технолошкиот Nasdaq напредуваше за 1,1 процент, пренесува CNBC.
Акциите на банката J.P. Morgan Chase пораснаа за 3,8 проценти, бидејќи нејзините деловни резултати за третиот квартал ги надмина очекувањата на аналитичарите.
Акциите на американскиот производител на чипови, компанијата Nvidia, пораснаа за 3,1 процент, што се рефлектира и на скокот на акциите на другите компании во технолошкиот сектор.
Европските берзи, исто така регистрираа раст, откако во Брисел беше објавено дека договорот со Британија е сè уште можен, пред очекуваното „раскинување“ на 31 октомври.
Индексот Euro Stoxx 50 порасна за 1,36 проценти, лондонскиот FTSE 100 за 0,07 проценти, германскиот DAX за 1,29 проценти, францускиот CAC 40 за 1,24 проценти, и шпанскиот IBEX 35 за 1,21 проценти, објави њујоршката агенција Bloomberg.
Во Азија, јапонскиот индекс Nikei 225 порасна за 1,87 проценти, додека хонкошки Hang Seng падна за 0,07 проценти.