28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕве кои две држави се најголеми добитници од трговската војна меѓу САД...

Еве кои две држави се најголеми добитници од трговската војна меѓу САД и Кина

Американскиот увоз од Кина, нејзиниот најголем снабдувач, се намали за 12,5 проценти, поради тековната трговска војна меѓу двете земји.

Мексико и Виетнам ја искористија ситуацијата со тоа што ја пополнија празнината со масовно зголемување на своите испораки во САД.

Американскиот увоз од Мексико во последните месеци бележи најголем пораст, со скок од 5,5 проценти или 12,4 милијарди долари во однос на истиот период минатата година, според најновиот извештај на американското Биро за статистика.

Во исто време, увозот од Кина се намали за 43,25 милијарди долари во однос на истиот период во 2018 година, објави Russia Today.

Друг неочекуван победник во тарифниот спор меѓу САД и Кина е Виетнам, бидејќи американскиот увоз од таа земја се зголеми за речиси 34 проценти или 10,9 милијарди долари. Благодарение на тоа, Виетнам се искачи за пет места на листата на најголеми американски добавувачи од 12-та на седмата позиција.

Таков развој на ситуацијата е можеби и последица дека одреден број кинески производители го префрлаат производството во соседната земја за да избегнат нови американски тарифи.

Генерално гледано, кинеската производствена активност е силно погодена од спорот со Вашингтон, бидејќи веќе петти месец по ред бележи пад на активностите. RT наведува дека и оваа недела во Вашингтон продолжуваат трговските разговори на високо ниво со цел решавање на спорот помеѓу САД и Кина.

Додека американскиот претседател Доналд Трамп, од една страна, тврди дека постигнување на договор е многу близу, од друга страна, кинеските власти не се подготвени да дадат вакви смели предвидувања, пренесоа светските медиуми.

Продолжениот трговски и тарифен спор фрли сенка врз целокупната глобална економија, поради што Светската трговска организација (WTO) минатата недела објави мрачна прогноза за раст на светската трговија во 2019 година, предвидувајќи раст од 1,2 проценти во однос на 2,6 проценти колку што таа предвидуваше во април.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП