23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСветскиот тренд на ниски камати се пренесува и во земјава, банките го...

Светскиот тренд на ниски камати се пренесува и во земјава, банките го поддржуваат економскиот раст

Инвеститорите ќе треба да бидат подготвени на долг рок да прифатат пониски каматни стапки и пониски приноси поради актуелните состојби во светската и европската економија и опаѓањето на приносите на светските финансиски пазари, порача претседателот на Управниот одбор на „Шпаркасе банка Македонија“, Глигор Бишев на седмиот инвестициски форум „Ерсте инвесторс брекфаст“ што денеска се одржува во Скопје.

-Светските трандови на ниски каматни стапки се пренесуваат и во земјава каде имаме историски најниски каматни стапки на државните обврзници, на кредитниот пазар и на пазарот на пари. Цените на акциите трета година по ред се зголемуваат и очекувањата се дека тој раст ќе биде моделиран со ниските каматни стапки. Сепак, пазарите на капитал остануваат плитки со мало тргување што ја ограничува ликвидноста на домашните финансиски инструменти и на инвеститорите. Добра вест е што за разлика од светските движења кај нас се забрзува економската активност, рече Бишев во поздравниот говор на отворањето на настанот.

Тој нагласи дека Централната банка на САД веќе два пати ги намали каматните стапки, а минатиот месец Европската централна банка ја зголеми негативната каматна стапка што се пренесува и во земјава. Денеска, додаде, ќе бидат разгледани сите предизвици за финансиските пазари и на тој начин, како што кажа, ќе има подобро видување за иднината на светската економија и финансики пазари, како и за домашните со цел да се упатат соодветни пораки до инвеститорите како во вакви времиња да инвестираат, а да бидат заштитени од ризиците.

Министерката за финансии Нина Ангеловска потенцира дека заклучоците од денешниот настан ќе придонесат за натамошно подобрување на финансискиот сектор во земјава.

-Финансиските институции мора да ги следат промените што неизбежно доаѓаат. Веќе се зборува за финтек и иншуртек, за примена на дигиталната технологија во финансиските и осигуритeлните услуги. Иновациите во деценијата што доаѓа ќе креираат потполно нов финансиски пејсаж. За да се искористат можностите што ги носат промените, мора да се зголеми довербата на јавноста, да се пресретнат стратешки предизвици и да имате чиста визија за вашата улога во финансискиот систем, рече Ангеловска.

Во моментов, посочи, финансискиот систем го поддржува економскиот раст на земјата преку кредитната поддршка на компаниите и на граѓаните.

-Со брзиот развој на технологиите и дигиталната економија, улогата на банките станува се попредизвикувачка – не само да лоцираат висококвалитетни проекти и да ги поддржуваат, туку и да заземат важна улога во едуцирањето на пазарот, особено на микро, малите и средните претпријатија како и на граѓаните и крајните корисници за своите услуги, порача Ангеловска.

Таа нагласи дека Министерство за финансии заедно со Народната банка како регулатори треба континуирано да се фокусираат на подобрување на регулаторната рамка. Тоа, како што кажа, ќе креира околина што ќе ја зголеми конкурентноста, овозможувајќи поголема иновативност и пософистицирани решенија.

Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска во својата презентација посочи дека во периодот по глобалната финансиска криза, централните банки во сите земји од регионот, вклучително и нашата, преку својата експанзивна политика дадоа значаен придонес за забрзување на растот и конвергенцијата на економиите.

-Намалувањето на основните каматни стапки и обезбедувањето дополнителна ликвидност придонесоа за олеснување на условите за кредитирање, а со тоа и за овозможување полесен пристап до финансирање, рече гувернерката и додаде дека ова приспособување на монетарните политики, особено во земјите со фиксен курс, делумно беше овозможено од релаксираната политика на Европската централна банка, со која според очекувањата би се продолжило во понатамошниот период.

Сепак, потенцира, просторот за директна поддршка на економскиот раст преку монетарната политика во регионот е стеснет, во услови на веќе ниски каматни стапки и стеснет распон на каматните стапки во однос на каматата на Европската централна банка, но и во услови на зголемена глобална неизвесност.

На настанот учествуваат и аналитичари и експерти од Групацијата Ерсте и Шпаркасе, како и експерти и аналитичари од домашниот финансиски сектор и претставници на финансиските регулатори.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП