Војната помеѓу Саудиска Арабија и Иран ќе доведе до „тотален колапс на светската економија“, истакна принцот Мохамед бин Салман.
Тој тоа го изјави во телевизиски разговор во Соединетите држави, повикувајќи ја меѓународната заедница да го „обесхрабри“ Техеран.
„Ако светот не се обиде со силно и одлучувачко дејствување да го одврати Иран, ќе бидеме сведоци на уште полоша ескалација која ќе ги загрози светските интереси“, изјави престолонаследникот.
„Снабдувањето со нафта ќе биде нарушено и цените ќе скокнат до незамисливо ниво, какво што не сме виделе во животот“, изјави тој.
Последиците, предупредува тој, ќе се почувствуваат низ целиот свет: „Ова подрачје обезбедува 30 проценти од светското снабдување со енергенси, речиси 20 проценти од светскиот промет на стока и околу четири проценти од светскиот БДП. Замислете тие три работи да исчезнат.
Го оцени како апсурден нападот на 14 септември врз саудиските нафтени постројки кои Ријад и Вашингтон му ги припишуваат на Иран. „Тоа не е стратешка цел. Само лудак ќе нападне пет проценти од светското снабдување. Единствената стратешка цел е да покажат дека се глупави, што и го направија“, изјави принцот.