Цените на нафтата паднаа и се на добар пат да забележат голема неделна загуба, во услови на побрзо закрепнување на производството на нафта во Саудиска Арабија од очекуваното.
Северноморската нафта „брент“ падна за 94 центи на 61,80 долари за барел, додека цената на американската лесна нафта (WTI) падна за 61 цент на 55,80 долари, објави Reuters.
Цената на двата типа нафта падна за 4,0 проценти оваа недела, што е најголема неделна загуба за WTI во 10 недели, и најголема загуба за „брент“ во седум недели.
На падот на цената на „брент“ и WTI нафтата влијаеше и пишувањето на Wall Street Journal, кој повикувајќи се на неименувани извори, објави дека Саудиска Арабија се согласила на делумен прекин на огнот во Јемен, велат аналитичарите на Глобалниот форум за нафта на Reuters.
Нафтата бележи пад на цената дури и по изјавата на иранскиот претседател Хасан Рохани дека САД понудиле можност за отстранување на сите санкции за Иран во замена за преговори. Тие загуби подоцна, беа избришани кога американскиот претседател Доналд Трамп негираше доставување таква понуда за Техеран.