26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПчеларство – агро бизнис со огромни потенцијали и солидна заработувачка

Пчеларство – агро бизнис со огромни потенцијали и солидна заработувачка

Голем потенцијал, мала искористеност. Во Македонија има сериозен простор за зголемување на производството на мед. Овој агро бизнис веќе оди во нагорна линија и нуди солидна заработувачка.

Во Македонија има над 70 илјади пчелни семејства

Според последните податоци на Државната статистика во Македонија има регистрирано 4.135 пчелари, најголем дел како индивидуални одгледувачи а многу помал дел како деловни субјекти.

Тие имаат 73.960 пчелни семејства. Годишното производство достигнува 688 илјади килограми или околу 9 килограми по кошница.

Македонскиот граѓанин троши само 0,5 килограми мед годишно во споредба со жителите на Словенија или Грција кои трошат 1,2, односно 1,6 килограми годишно по глава на жител.

Медот се продава за 300 до 500 денари по килограм

Медот се продава во просек од 300 до 500 денари по килограм, во зависност од местото на потекло и од квалитетот.

„Обичниот народ не знае колкава мака е да се произведе медот. Си бара работа, си бара посветеност, а приносите не се големи. Цената не е превисока ако се спореди со земјите од регионот“ вели Милан Петковски, пчелар од Скопска Црна Гора.

Петковски има 70 пчелни семејства. Задоволен е од годинешново производство, тоа во просек било околу 18 килограми по сандак.

„Ќе направите проста математика – 70 семејства по 18 килограми по 400 денари колку што го продавам или над 500 илјади денари. Тоа е околу 8 илјади евра. Некој ќе си рече многу, не е многу ако се земат предвид маката и трошоците. Пчелите си бараат посветеност, си бараат работа, а си бараат и прихранување, лекување. А на крајот мора и да се продаде. Овие цени се на мало, на парче. Ако се даде топтан тие се многу пониски“, објаснува Петковски.

Тој сепак вели дека оваа сезона е натпросечна, па очекувана солидна заработка во најголем дел ќе заврши за покривање на загубите од претходните години.

Најголем проблем е фалсификуваниот мед

На пазарот може да се најде мед и за под 300 денари, дури и за 200 но тој секако не е како оној кој чини 500. Голем проблем се фалсификаторите. Ваков мед кој во поголем дел е некаков сируп се продава на пазарите

Тоа не е случај и во маркетите, но таму пакувачите често користат маркетиншки трикови па на етикетата со големи букви пишуваат: „медена роса“, „гроздов мед“, „боров мед“ – имиња што алудираат, но се многу далеку од мед. Ако внимателно се прочита декларацијата со мали букви јасно се гледа дека се работи за гликозен сируп.

Пчеларите советуваат медот да се купува од познати одгледувачи а доколку тоа се прави во супермаркет внимателно да се чита декларацијата.

„Како што секој има свој матичен лекар, секој треба да има и свој пчелар. Само така ќе знае дека она што го купува е вистински, природен и квалитет мед“ вели пчеларот Петковски.

Фестивал на медот на улица Македонија во Скопје

Мед, прополис и производи од мед од денеска до недела ќе можат да се вкусат и купат на штандови поставени на улица „Македонија“ во Општина Центар во рамки на 15. манифестација „Денови на македонскиот мед“.

Организатор е пчеларското здружение „Матица “ од Скопје, а покровители се Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Град Скопје и Општина Центар.

Манифестацијата којашто се одржува под мотото „Козумирајте пчелни производи за убав ден и здрав живот“ е свечено отворена денеска, а во следните три дена производителите на мед ќе ги презентираат своите производи пред граѓаните и ќе информираат за благодетите на медот.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП