19 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИФлотата на Adria Airways останува приземјена

Флотата на Adria Airways останува приземјена

Флотата на Adria Airways останува приземјена. Авиокомпанијата одлучи да ја продолжи мерката за најмалку уште два дена.

„Adria Airways се уште води активни преговори со потенцијални нови сопственици и кредитори и останува посветена на изнаоѓање позитивно решение за сите… Компанијата длабоко жали за прекините и во наредните два дена и се извинува на сите патници и партнери“ се наведува во соопштението.

Од компанијата ги советуваат патниците да проверат кој е нивниот авиопревозник пред да пристигнат на аеродромот. Доколку тоа е Adria Airways треба да се обратат онаму каде ги купиле билетите.

Од претставништвото во Скопје, пак, велат дека сите засегнати патници се поединечно известени, дека билетите ќе бидат заменети на сметка на авиокомпанијата и дека сите ќе стигнат до крајните дестинации.

Авиопревозникот леташе кон и од Скопје седум дена во неделата, а преку Љубљана нудеше конекции со повеќе европски метрополи.

Откажувањето на летовите доаѓа откако компанијата не доби четири милиони евра од словенечката Влада, пари кои требаше да помогнат да се надмине неликвидноста. Adria Airways од поодамна се соочува со финансиски проблеми.

Словенечката агенција за цивилно воздухопловство на авиокомпанијата и даде рок до 2 октомври да изготви план за реструктуирање, во спротивно ќе и ја одземе лиценцата за летање.

Дел од авионите кои ги имаше изнајмено компанијата веќе се одземени поради неплатени надоместоци.

Adria Airways има десет воздухоплови на нејзино име – шест Bombardier и четири Saab.

Авиокомпанијата е формирана во 1961-та година. Беше во државна, словенечка, сопственост се до 2016-та година кога преку приватизација беа продадени 96% од акциите.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП