27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГувернерката на Народната банка: Најновите расположливи податоци не упатуваат на поголеми отстапувања...

Гувернерката на Народната банка: Најновите расположливи податоци не упатуваат на поголеми отстапувања во однос на априлските проекции

Во синоќешното издание на емисијата „24 тренд анализа“ на телевизијата „24“, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска се осврна и на повеќе прашања за показателите и тековните движења во домашната економија.

Таа посочи дека во изминатиот период, не се забележани позначајни отстапувања во однос на проекцијата за економски раст од 3,5% за 2019 година. Сепак во тек е новиот циклус на макроекономски проекции и на почетокот на ноември, Народната банка ќе излезе со попрецизна проценка. „И во текот на актуелниот циклус проекции излегуваат нови индикатори коишто иако засега не се многубројни, покажуваат дека продолжува растот на нашата економија.“ – соопшти Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката посочи дека кај инфлацијата, последните неколку години движењата се стабилни, а дека досегашните остварувања годинава упатуваат на веројатност за пониска инфлација од очекуваната. Кај платниот биланс, засега остварувањата се во линија со очекувањата на Народната банка.

Осврнувајќи се на податоците за странските директни инвестиции во нашата економија во првата половина на оваа година и анализирајќи ги на бруто принцип, Ангеловска-Бежоска истакна дека приливите се солидни, додека зголемувањето на одливите во најголема мера се должи на побарувања по основ на трговски кредити. „Во однос на структурата на приливите, позитивно е што приливот на сопственички капитал годинава е поголем од приливот минатата година, кога беше остварено едно од највисоките нивоа на странски директни инвестиции кај нас.“ – истакна гувернернерката.

Во емисијата, Ангеловска-Бежоска нагласи дека постепеното стабилизирање на буџетскиот дефицит во нашата економија на пониски нивоа, значи и помал притисок врз јавниот долг, односно дека со тоа се креираат услови за негово постепено намалување.

Одговарајќи на одделно новинарско прашање, таа се осврна и на бруто надворешниот долг. „Значајно е што во изминатиот период, бруто надворешниот долг веќе се стабилизира, при што според податоците за првиот квартал од оваа година се забележува негово натамошно намалување и тој изнесува 71% од БДП. Но не е важно само нивото на задолженоста, туку важна е и структурата на надворешниот долг, при што треба да се има предвид дека клучен сегмент на неговата структура се и странските директни инвестиции коишто доаѓаат во должничка форма. На нив и на трговските кредити коишто се сметаат за поквалитетни и постабилни категории на долг отпаѓа 40% од надворешниот долг на земјата, што претставува фактор за поголема стабилност. Стабилна компонента на надворешниот долг претставува и фактот што тој доминантно е долгорочен, додека само околу една четвртина од долгот е краткорочна.“ – оцени гувернерката на Народната банка.

Таа истакна дека е важно во натамошниот период да се работи на постепено намалување на надворешниот долг. Притоа ги појасни и методолошките аспекти на анализата на нивото на задолженост, при што истакна дека само според еден критериум на Светската банка, нашата економија го надминува нивото на умерена надворешна задолженост, а дека според сите други критериуми, нивото на нашата надворешна задолженост е ниско.

Во дискусијата, Ангеловска-Бежоска порача дека на долг рок, важно е да има конзистентен раст на платите и на продукивноста.

Кон завршницата на емисијата, гувернерката се осврна и на очекуваните ефекти за економијата од натамошно забрзување на евроатлантските интеграции на нашата земја. „Очекувам дека забрзување на евроатлантските процеси позитивно би влијаело на севкупната макроекономска стабилност во земјата. Анализираните искуства на другите економии коишто минале низ таква фаза, покажуваат дека влезот во НАТО и/или засилувањето на преговорите со ЕУ има позитивни ефекти.“ – истакна Ангеловска-Бежоска. Таа посочи дека тие ефекти можат да се согледаат преку позначајни странски директни инвестиции коишто влегуваат во економијата, како и други капитални текови во платниот биланс.

„Влезот на поголем капитал од надвор има мултипликативни ефекти врз економијата – тоа значи поголема монетизација, повеќе депозити, поголем расположлив финансиски потенцијал во самата економија… Ако има поголем расположлив финансиски потенцијал, тоа може да даде импулс за позначаен економски раст. Може да се очекува дека забрзувањето на евроатлантските процеси би придонело за приливи во форми и на други типови текови во економијата и генерално за попозитивни перцепции, не само кај странските, туку и кај домашните инвеститори.“ – кажа гувернерката.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП