29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗошто туристите од Кина се повеќе се свртуваат кон Европа

Зошто туристите од Кина се повеќе се свртуваат кон Европа

Кинезите се помалку патуваат во Соединетите Американски Држави, а тензиите помеѓу Пекинг и Вашингтон се само една од причините зошто кинеските патници сè повеќе се одлучуваат за Европа, објави порталот Jing Travel.

Според овој портал, во 2018 година САД ги посетиле шест проценти помалку туристи од Кина, што е прв пад на посетите од таа земја во последните 15 години.

Една од причините се тензиите предизвикани од трговската војна меѓу двете држави и царината на кинеските производи кои ги воведе администрација на претседателот Доналд Трамп.

Меѓутоа, според Jing Travel, други причини се слабеењето на кинескиот јуан во однос на американскиот долар, одлуката на повеќе земји да го олеснат влезот на кинеските државјани и зголеменото одбивање на САД да издаваат визи на кинезите.

Процентот на одбиени апликации за американски визи за посетители од Кина е во пораст последните пет години и во 2018 година достигна 17 проценти, што е најмногу од 2012 година.

„Кинеските патници се свесни за оваа промена на политиката и нивната реакција е да аплицираат помалку. Ова потенцијално создава магичен круг за американската туристичката индустрија во која бројот на апликации (за визи) се намалува а процентот на одбивања расте“, наведува Jing Travel.

Исто така, доларот на почетокот на август зајакна во однос на кинеската валута и вредеше повеќе од седум јуани, што е тренд кој трае од почетокот на 2018 година. Ова значи дека на кинеските туристи одморот во САД е поскап од летување во Европа или Азија, објави Jing Travel.

Во исто време, бројот на Кинези кои патуваат во Европа се зголеми – Велика Британија, Исланд и Норвешка имаа скок на бројот на кинески туристи за 34, 60 односно 84 проценти, според овој портал. Валутите на сите овие земји ослабнаа во однос на јуанот во 2018 година.

Како што се наведува, додека САД одбиваат да издаваат визи за се поголем број Кинези, со кинески пасош станува се полесно да се патува на некое друго место во светот.

„Во овој контекст, цената за аплицирање за американски виза од 160 долари – која се наплатува без оглед дали ќе биде одобрена – станува уште понепривлечна“, наведува Jing Travel.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП