20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАФАО обучува група експерти од Балканот за африканска свинска чума

ФАО обучува група експерти од Балканот за африканска свинска чума

Африканската свинска чума, високо заразна болест кај свињите, се проширува низ Европа и Азија, наштетувајќи им на земјоделските стопанства и нарушувајќи ги пазарите и трговијата. Без ефикасно вакцинирање против болеста – соработката, заедничкото дејствување и будноста на земјите е единствениот начин за контролирање на нејзино ширење.

Денешната обука за обучувачи која ја спроведува ФАО во Приштина, придонесува за подобра подготвеност на балканските земји со обезбедување техничко знаење за ветеринарите на терен. По обуката, учесниците кои доаѓаат од Албанија, Косово и Северна Македонија им го пренесуваат знаењето на своите колеги со реплицирање на обуките во различните делови од нивната земја. Експерти за африканска свинска чума од ФАО и Институтот Фридрих Лофлер ќе го водат еднодневниот настан.

Со потекло од Африка, вирусот се прошири во Грузија во 2007 година, од каде прогресивно се шири кон запад (достигнувајќи ја Источна и Централна Европа) и исток (Кина и Југоисточна Азија). Болеста е веќе пријавена во Бугарија, Унгарија, Романија, Словачка, а неодамна и во Србија, со значително зголемен ризик на проширување во регионот.

„ФАО ги поддржува напорите за спречување на африканска свинска чума и подготвеност на Балканот и преку регионални и преку национални проекти“, изјави Еран Раизман, висок службеник на ФАО за здравствена заштита на животните. „Неколку мисии и работилници веќе беа одржани во регионот, меѓутоа, оваа обука е од особена важност во контролата на болеста“.

„Појавата на болеста во Србија го зголеми ризикот за регионот. Како одговор, ние дополнително ќе ги зголемиме нашите напори за обука, како во регионот така и пошироко со спроведување на онлајн курсеви за обука за африканска свинска чума“, додаде Раизман.

Африканската свинска чума е вирусна хеморагична болест која убива до 100 проценти од заразените животни, домашни свињи и сродни диви животни. Тој не претставува ризик по здравјето на луѓето, но негативно влијае на руралните услови за живот, безбедноста на храната и трговијата во погодените региони.

Преку овој проект, ФАО помага во зголемување на свеста на сите партнери (преку дистрибуција на прирачници и летоци), проценка на подготвеноста преку симулациски вежби и олеснување на координацијата низ целиот регион.

Програмата на обуката ги опфаќа основите на Африканската свинска чума, како болеста влијае на домашните и дивите свињи, земање мостри и лабораториска дијагностика за откривање на болеста, епидемиолошка истрага, превенција, биосигурност, реакција и контрола. Откривање и контрола во диви свињи е исто така опфатено во рамки на обуката.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП