17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКрај на четвртата македонско – косовска трговска војна

Крај на четвртата македонско – косовска трговска војна

Косово ги укина бариерите за увоз од Македонија. Со тоа заврши последната во низата трговски војни со оваа земја. Надлежните уверуваат дека не се предизвикани штети.

Косово ги укина бариерите за увоз

По речиси еден месец Косово ги укина трговските бариери за увоз на мед и компири од Македонија.

„Пред неколку часа добивме писмо во кое се потврдува дека ги укинуваат бариерите“ изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.

Надлежните тврдат дека нашето стопанство не претрпело никакви штети.

Косово ја повлече забраната откако Македонија претходно повторно дозволи увоз на икра и рибен подмладок од оваа земја што всушност беше и главна причина за избивањето на овој трговски спор.

Од Косово испратиле и документација за стандардите за рибата и рибниот подмладок, како и тоа дека се врши мониторинг и со тоа Косово.

Досега четири македонско – косовски трговски војни

Вклучително со оваа Македонија и Косово досега имаа четири трговски војни од која најдраматична беше онаа пред шест години кога Приштина воведе целосно ембарго за сите македонски производи.

Тогаш иницијатор беше Скопје, се започна со условениот увоз на брашно и пченица. Приштина одговори со делумно ембарго за одредени производи, а контра одговорот беше воведување на давачки за секој патник и автомобил што од Косово влегува во Македонија. По ова состојбата дополнително ескалираше зашто беше воведено целосно ембарго за сите македонски производи кое траеше пет дена и создаде огромни колони на премините Блаце и Јажинце.

Трговската војна заврши откако попуштивме ние – ја повлековме одлуката за условен увоз на брашно и пченица, како и сите дополнителни давачки, а тие го кренаа ембаргото.

Последното соочување беше пред точно една година кога Косово ги зголеми царините за 30% за 21 земјоделски производ за да го заштити сопственото производство.

Таа мерка не беше насочена само кон Македонија, туку кон сите, но овде предизвика силни реакции поради големиот извоз на македонските производители на косовскиот пазар.

Македонија тогаш не воведе контра мерки, чекаше Приштина да попушти под притисок на Европската Унија.

Косово е значаен трговски партнер за Македонија

Според податоците на Државниот завод за статистика, обемот на размена меѓу Македонија и Косово од јануари до јуни годинава изнесува 152.5 милиони евра. Од нив 139.3 милиони евра се извоз.

Споредено со истиот период лани, извозот е поголем за 38.6% а увозот помал за 15,4%.

Македонија само со Косово и Унгарија бележи раст на извозот и пад на увозот.

Косово, како земја со кој остваруваме најголем суфицит во трговската размена, е значаен пазар за македонските земјоделски производители, за прехранбениот сектор, градежништвото, трговијата, хемиската и нафтената индустрија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП