2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОрганско производство - агробизнис во подем

Органско производство – агробизнис во подем

Органското производство полека се пробива и во македонскиот аграт. Се повеќе производители сфаќаат дека овој бизнис носи добра заработка со релативно мала првична инвестиција.

Семејството Китановски од Берово веќе четири години произведува органски малини. Започнале со 50-на корени, а сега имаат над 4 илјади. Задоволни се и од цената и од пласманот.

„Одлично оди малината, има голема побарувачка. Лани склучивме договор со дистрибутер од Србија и скоро 90% од родот ги презема тој. Следната година планираме да го прошириме производството“ вели Маријан Китановски, производител на органски малини.

За еден производ да се смета за органски треба да биде резултат на строго контролиран производствен процес за што се добива и сертификат за квалитет и за потекло.

„Ние не користиме никакво ѓубриво, за среќа почвата сама од себе е плодна кај нас. Секако дека не прскаме со пестициди а нема ни потреба за тоа“ објаснува Китановски.

Органските производи во Македонија се појавуваат пред помалку од две децении.

Првиот чекор го прави „Алкалоид“ во 97-та кога почнува да прави органски чаеви од собрани самоникнати растенија. Следната година 5 земјоделци почнуваат да ги практикуваат правилата за вакви производи и да ги пласираат на однапред познати купувачи.

Првиот Закон за органско производство беше донесен во 2001-та кога беа основани и првите здруженија на органски производители. По ова следеше утврдувањето на подзаконски акти и правилници кои ја регулираат оваа дејност.

Во 2006-та е одржана е првата манифестација „Ден на органското производство“.

Во 2010-та почна да се спроведува Национална кампања за промоција за органското земјоделско производство.

„Има се повеќе органски производители во Македонија, ние соработуваме, се вмрежуваме, си пренесуваме искуство. Дел од моите роднини и пријатели откако увидоа колку е доходовен ваквиот бизнис размислуваат и тие да се вклучат и тоа е добро за нас. Ние не се плашиме од конкуренција, напротив, доколку има повеќе производители и поголемо производство и пласманот ќе биде полесен зашто странските дистрибутери бараат поголеми количества“ вели Китановски.

Сертификатот „органски“ значи дека производот исполнува строги услови: не смее да содржи никакви вештачки и хемиски состојки, тие не смеат да се користат ниту за ѓубрење на почвата ниту за заштита од штетници, има и многу строги ограничувања во примената на антибиотици кај добитокот и на адитиви и конзерванси во конечниот производ, апсолутно е забранета употребата на генетски модифицирани организми, површината на која се одгледува најмалку две претходни години не смее да биде третирана со недозволени препарати и мора да има јасно означени граници односно растенијата да се заштитени од можна контаминација од препаратите кои се користат на соседните површини.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП