Франција воведе двегодишно ограничување за хрватските работници кои сакаат да работат на францускиот пазар на трудот, објави на своите официјални страници француската администрација.
„Тоа се преодни мерки и тие ќе завршат, што се однесува на Хрватска, најрано на 30-ти јуни 2015 година. Преодниот период ќе може да биде продолжен за три години, до 30-ти јуни 2018 година, а потоа евентуално за уште максимум две години, доколку тоа го наложува ситуација со бројот на невработени во Франција”, се наведува во соопштението.
Досега девет земји од Европската унија воведоа ограничувања за хрватските работници – Германија, Холандија, Кипар, Австрија, Велика Британија, Словенија, Белгија, Шпанија и Луксембург.
Дванаесет потврдија дека нема да воведуваат ограничувања – Португалија, Полска, Шведска, Романија, Унгарија, Ирска, Словачка, Чешка, Данска, Финска, Естонија и Литванија, а останатите сеуште не донеле конечна одлука.
Во пристапниот договор на Хрватска предвидена е можноста од преоден период, во кој државите членки на ЕУ можат да воведат ограничување за вработувањето на хрватските работници според формулата „2+3+2“, што значи дека почетното ограничување за пристапот на пазарот на трудот од две години државите членки можат по направена ревизија да го продолжат за уште три години, и со оправдана причина за уште дополнителни две години.
Хрватска има право да воведе реципрочни мерки за оние членки кои ќе одлучат да ја користат таа можност. Истите правила беа воведени и за сите нови членки кои во ЕУ влегоа во 2004 и 2007 година.