Продолжува катастрофалната реализација на капиталните инвестиции. Во првите шест месеци од годинава биле потрошени само 20.33% од планираните пари за цела година. За да се оствари планираното процентот би требало да биде околу 50.
Владата во првото полугодие потрошила само 85.8 милиони евра од 422 милиони предвидени во буџетот за инфраструктурни проекти односно за изградба на патишта, железници, водоводи, болници, училишта.
За споредба сите останати буџетски ставки и на приходната и на расходната страна се со реализација од 45 до 54% што е и очекувано за да се оствари целосно спроведување на планираното.
Вкупните приходи биле реализирани со 45.63%, а вкупните расходи со 45.17%.
Реализацијата на капиталните инвестиции минатата година изнесуваше едвај 197 милиони евра односно 65.5% од планираното со ребалансот на буџетот или помалку од половина од првичната сума од 400 милиони евра.
Реализацијата на капиталните инвестиции никогаш не е целосна, но во последните неколку години значително потфрла. Разликите обично се пеглаат со ребаланс на буџетот, но и тогаш не достигнува 100%.
Во 2018-та биле потрошени само 65.5% од планираните пари, во 2017-та 83.6%, во 2016-та 76.01%, во 2015-та 83.96%, во 2014-та 83.58%, во 2013-та 82.42%, во 2012-та 87.5%, во 2011-та 84.37%, во 2010-та 86.65%, во 2009-та 69.69%, во 2008-та 78.05%.
Лошата реализација треба делумно да се испегла со ребалансот на буџетот кој според надлежните ќе биде направен во септември или во октомври.
„Ребалансот на буџетот е редовна пракса и се прави секоја година и веќе службите се во подготовка на анализа на реализацијата на сите проекти без разлика дали се тековни или капитални во делот на податоците што ги црпат од Трезорот. Се планира да се реализира во септември или октомври и за тоа јавноста ќе биде благовремено информирана“ изјави неодамна заменик-министерката за финансии Ширет Елези.
Таа минатата недела рече дека е задоволна од реализацијата и на приходната и на расходната страна на буџетот.
„Добра реализација имаат и прогресивниот данок од над 16 отсто, како и ДДВ со над 4,3 отсто заклучно со првите две недели од јули, а зголемени се и придонесите над девет отсто, бруто инвестициите за 9,9 отсто, градежништвото за седум отсто… Реализацијата, ликвидноста и плаќањата се одвиваат во ред, но сигурно ќе се направи анализа кои капитални проекти или, пак, кои проекти треба да се додадат или да се изземат во делот на постојниот планиран Буџет“, рече Елези.
К. Н.