5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„EWB“: Победата на Нова демократија и што значи тоа за Северна Македонија

„EWB“: Победата на Нова демократија и што значи тоа за Северна Македонија

Мала е веројатноста дека вчерашната победа на конзервативната Нова демократија на изборите во Грција ќе создаде нови потешкотии во односите помеѓу Атина и Скопје, смета универзитетскиот професор од Универзитетот Пелопонез, Николас Цифакис, објави „European Western Balkans“ (EWB).

Во текстот насловен „Што значи победата на Нова демократија за односите со Северна Македонија“, грчкиот аналитичар и професор Цифакис истакнува дека победата на партијата која во јануари гласаше против ратификацијата на Преспанскиот договор, нема да значи промена на курсот на Атина кон Северна Македонија сѐ додека примената на спогодбата тече глатко.

Лидерот на опозициската Нова демократија во јануари тврдеше дека договорот од Преспа ќе создаде повеќе проблеми за Грција, отколку што ќе реши, потсетува „EWB“.

„Преспанскиот договор не беше единствената тема за време на изборната кампања. Киријакос Мицотакис повторуваше постојано дека нема да го доведе во прашање договорот што Грција го ратификуваше“, појаснува Цифакис.

Иако се противеше на договорот, Мицотакис рече дека штом еднаш договорот е ратификуван, мали се шансите нешто да се промени.

Цифакис е уверен дека ако Северна Македонија продолжи да го почитува и применува договорот, вклучувајќи ги и одредбите за политичката и економската соработка, тогаш не треба да постои грижа за дополнителни потешкотии, особено кога ќе дојде моментот за отворање на преговорите за пристап во ЕУ.

„Од Атина не се очекува промена на курсот во преговорите за пристапување на Северна Македонија, се додека го почитува договорот“, заклучи Цифакис за „EWB“.

Тој смета дека победата на Нова демократија е одлична вест за грчката економија на која очајнички и е потребен друг модел на економска политика, која ќе биде фокусирана на намалување на даночните стапки, спроведување на структурни реформи и стимулирање на приватните инвестиции.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП