4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСлаткото на тетка Мирјана и чичко Бранко стигна до Бахреин

Слаткото на тетка Мирјана и чичко Бранко стигна до Бахреин

Ми текнува на Гач. Од „втора зграда“. Година-две постар од нас. Кога бевме мали, независно дали возевме „точаци“ или игравме (баскет, народна, сакате ли војска, криенка), во еден момент ќе се стрчаше под прозор и ќе почнеше да вика: „Мамооо…, мамооо…, фрли ми лепче со мармалатчеее!“ Сите почнувавме да „голтаме“ од помислата на „мармалатчето“ додека гледавме како нешто свиткано во бела салфетка паѓа од шести кат.

Гач ми беше првата асоцијација кога пред некој месец го пробав мармаладот на тетка Мирјана и Чичко Бранко. Мармаладот од шипки. Вкусот како оној на „Подравка“, што ни го даваа дома и во градинка. За нас во тоа време ненадминлив. Текстурата уште подобра.

Ги посетивме тетка Мирјана и Чичко Бранко во нивниот втор дом, во селото Слепче, Прилепско. Поминавме незаборавен викенд. Прошетавме по падините на Бабуна, уживавме во боите и мирисите на природата, пиевме чиста, изворска вода.

Ги замоливме да ни ја раскажат приказната со мармаладот.

– Почнавме да правиме мармалад кога отидовме во пензија. Пред десетина години. Големи љубители сме на природата, а и имаме услови. Куќа со двор под падините на Бабуна. Во село Слепче. Почнавме да береме шипка по малку, за домашни потреби. Едноставно, беше штета да не го искористиме она што го дава природата, раскажува тетка Мирјана.

Во мармаладот најпрво уживало само потесното семејство, синот, ќерката и внуците. Потоа, полека, давајќи на овој – оној, го прошириле производството.

– Јас мојот работен век и стаж го минав во фабриката за преработка на овошје и зеленчук „Конзерва експорт“. Ги засакав тие производи, а суровина имав тука. Тоа некако ме поттикна. Денес мармаладот од шипка што го правиме е бренд. Но, во градска средина не се произведува. Го нема истиот вкус. Секој што го пробал, вели дека се вратил во времето на својата баба, истакнува Мирјана.

Тајната, споделува со нас, е во тоа што плодот на шипката се омекнува на пареа, а со последното пасирање се отстрануваат сите влакненца на плодот.

– Шипката како суровина е цврста. Ние ја омекнуваме на пареа. Потоа ја пасираме. Всушност, „ја тераме“ целата процедура како порано, на времето. Традиционално. Во мармаладот сосема малку се става шеќер и се вари. Специфично е тоа што шипката е единственото овошје кое на висока температура не го губи витаминот Ц, вели Мирјана.

Пасирките и останатата опрема неопходна за производство на мармаладот ги направил чичко Бранко.

Мармаладот од шипка на тетка Мирјана и Чичко Бранко досега отпатувал во Италија, Германија, Турција, речиси во сите земји од соседството, а стигна и до Бахреин. Првпат надвор од Македонија бил претставен во Тирана, Албанија, на манифестација организирана од „Слоу фуд“.

Од мармаладот во неколку наврати си купиле и амбасадорите Волер и Бејли. Го пробал и еден од шведските амбасадори, а од скоро може да се најде и кај евроамбасадорот Жбогар.

– Промоцијата всушност почна од манифестацијата на Општина Карпош „Ем умеам, ем можам“, каде што првпат го изложивме овој наш производ на инсистирање на едни познаници. Откако го пробаа посетителите, интересот да купат беше многу голем. Тоа нè натера да произведуваме поголема количина, по стотина тегли. Потоа, постепено зголемувавме. Би сакал да нагласам дека за добар да биде квалитетот, не можеш да произведеш многу, особено ако се земе предвид дека сè се прави рачно, по традиционален рецепт, потенцира чичко Бранко.

Тетка Мирјана и чичко Бранко во Слепче прават и слатко, сок и мармалад од капини, мармалад и сок од дренки, коктел од капини и дренки, сок од глог.

Суровината, нагласуваат, е од 100-процентно чиста, еколошка средина. Каде и да се појават, на која било манифестација, ги продаваат производите веднаш.

– Нашата земја е пребогата, тука успева сè. Но, како да нема заинтересирани, па сè што имаме пропаѓа. Само тука, во Слепче, врие капини, глог, трненка, дренка, мајчина душичка… Државата тоа треба да го препознае, но и младите мора малку повеќе да се дружат со природата, беше пораката на нашите домаќини кога нè испраќаа.

Мирјана Чакарова

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП