28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНедвижности - сигурни и долгорочни инвестиции

Недвижности – сигурни и долгорочни инвестиции

Сега е вистинското време да се инвестира во недвижности. Познавачите на пазарот очекуваат зголемување на цените на квадратниот метар но и на закупнините.

Недвижностите – сигурна инвестиција

Вложувањето во куќи, станови и деловен простор е еден од најсигурните начини за да се зачува вредноста на парите. Познавачите на пазарот велат дека на среден и долг рок се очекува раст на вредноста на квадратниот метар.

„Купената недвижност е најцврстата валута во секое време“, вели Мирко Петревски, аналитичар на пазарот со недвижности. „Орочените пари во банките со сегашните каматни стапки не може на долг рок да ја зголемат својата вредност како капиталот преточен во недвижност“, објаснува тој.

Овој имот носи и солидни месечни приходи бидејќи се изнајмува, ова особено важи за атрактивните локации.

„Со издавањето под кирија недвижностите континуирано носат приходи. Со оглед на постојаната побарувачка тие секогаш можат и да се продадат по добра цена“, вели Петревски.

Веќе извесното зачленување на земјава во НАТО и евентуалното приближување кон Европската Унија дополнително ќе го поттикне пазарот, сметаат аналитичарите. Цените може да ги поттикнат и инвеститорите од Истокот. Се поактуелно во Европа е купувањето недвижности од страна на Кинези и Арапи, но овој тренд се уште не стигнал во Македонија.

Инвестицијата се враќа за 20 години

Инвестицијата во стан целосно наменет за изнајмување се враќа за околу 20 години.

На пример стан од 50 квадратни метри во поатрактивните делови од Скопје чини меѓу 50 и 55 илјади евра. Тој може да се изнајмува за 200 до 300 евра месечно во зависност од тоа како е наместен. На годишно ниво тоа е принос од 2400 до 3600 или 4.8 до 7.2% од вредноста. Тоа значи дека вложените пари ќе се вратат за 14 до 21 година.

„Овие приноси можат да бидат дури и повисоки, но секако мора да се земат предвид и трошоците – за одржување, за евентуални штети. Но на крајот станот сам си се плаќа доколку се рента“, вели Петревски.

Познавачите велат дека има се повеќе луѓе кои купуваат станови на кредит, а потоа ги изнајмуваат – ратата за отплата на кредитот често е дури и малку пониска од киријата.

Највисоки кирии во Центар и Карпош

Скопските општини Центар и Карпош имаат дефинитивно највисоки цени на закупнините. Податоците од Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар на недвижности покажуваат дека просечната цена за квадратен метар станбен простор во Центар е 291 денар, во Карпош 234, во Кисела Вода 215, во Аеродром 204, во Ѓорче Петров 184, во Гази Баба со 163.

Надвор од Скопје највисоки цени има Охрид со 184 денари месечно за квадратен метар. Следат Куманово со 175, Струга со 172, Битола со 154, Штип со 144, Струмица со 110, Кочани со 92 денари за квадратен метар,

Драстични разлики во цените

Цените на становите имаат големи разлика. Оние во Скопје се и повеќе од двојно поскапи во споредба со градовите во внатрешноста, но и во главниот град има значителни отстапувања во зависност од локацијата.

Податоците од Катастарот покажуваат дека кон крајот на 2018 година највисока просечна цена по квадрат од 59.290 денари (964 евра) имале становите во Центар.

Од друга страна, во истиот период становите во Гази Баба постигнале просечна продажна цена од 37.081 денар (603 евра). Во Карпош просечната цена на становите изнесува 57.920 денари (942 евра), во Кисела Вода 56.685 денари (922 евра), а во Аеродром 54.835 денари (892 евра).

Градежниците најавуваат раст на цените

Повисоки цени на становите во наредниот период поради постојаниот раст на трошоците за градежни материјали и за вработените, очекува Градежната комора при Сојузот на стопански комори (ССК).

„Ако сакаме, а мораме да градиме квалитетни станови, факт е дека цената ќе оди во нагорна линија, а колкав ќе биде процентот ќе покаже пазарот и тоа е реалноста“ изјави неодамна Ивица Јаќимовски, претседател на Градежната комора при ССК.

Според ССК постојаниот раст на трошоците за градежни материјали и за вработените во градежните компании, го диктирал и растот на цената на квалитетните станови и во следниот период нема да може да се понуди квалитетна градба по пониски цени.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП