25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВработени во обложувачниците и казината бараат да бидат вклучени во расправата за...

Вработени во обложувачниците и казината бараат да бидат вклучени во расправата за Законот за игрите на среќа

Здружението на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“ бара учество во процесот на изнаоѓање соодветно решение за Закон за игрите на среќа.

„Со месеци сме предмет на жестока негативна кампања со која игрите на среќа треба да се претстават во јавноста како дувла на беззаконие и како извор на зло за младите генерации. Тргнувајќи од фактот дека во објектите на сите категории игри на среќа сме вработени околу 7.700 луѓе, индиректно се засегнати најмалку 23.000 граѓани, кои преку нашите работни места обезбедуваат егзистенција, а истовремено оваа дејност индиректно поддржува и помага речиси 54.000 работни места, во интерес на вистината и реален приказ на состојбите во оваа дејност одлучивме да се организираме во здружение на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“. Како една од најуредените професии во земјата ги уживаме сите права од работниот однос, ни се плаќаат и прекувремени часови и работа на празници. Сè е 100 отсто законски. И ние сме родители, најчесто на малолетни деца, и никогаш не би се согласиле да работиме нешто што им прави штета на младите бидејќи така работиме и против сопствените деца“, велат од здружението.

Од таму велат дека ја разбираат загриженоста на дел од граѓаните дека спортските обложувачници, видеолотаријата т.н. VLT, автомат-клубовите и казината може да ги заведуваат младите, но, велат од здружението, пред да се донесе конечен суд, треба да се запознаат сите околности.

„Вработени сме во објекти што се носители на светски познати и реномирани брендови од овој бизнис, затоа кај нас одамна е задолжително да се имплементираат сите највисоки стандарди на ЕУ. Во нашите објекти влегуваат најмногу 3 отсто од полнолетната популација, кои се традиционални играчи. Некој од нив игра од забава, некој игра за да заработи плус, некој за да си ја задоволи играчката страст. Кај нас многу ретко некој влегува од љубопитство. Се работи за луѓе што претходно веќе играле, најчесто во западните земји, и тука си ја пробуваат среќата. Дури во автомат-клубовите имаме дежурен психолог, кој му стои на располагање на секој играч што евентуално ќе почувствува зависност од игрите на среќа. Тој веднаш може да му се јави за стручна помош. Во ниту еден објект не смеат да влегуваат малолетници и секој наш апарат 365 дена во годината е поврзан со УЈП. Ниту нешто црно се случува, ниту сме црни ѓаволи, како што некој упорно сака да нè претстави“, велат од Здружението.

Од таму додаваат дека не бегаат од дополнителна регулација на сите категории игри на среќа, но дека евентуалната одлука да се следи примерот на Косово и Албанија – и во Северна Македонија да се забранат игрите на среќа, е целосно погрешно решение.

„Исто така, одговорно тврдиме дека предлозите за дислоцирањето на објектите во кои се организираат игрите на среќа нема да ја постигне целта за која јавно се залагаат заговорниците на ова решение. Само ќе стават во опасност 7.700 луѓе, кои ќе останат без работа и, најверојатно, ќе заминат од земјата. Она што е апсурдно е што ќе ја работат истата работа во некоја европска земја. Целосно погрешно е верувањето дека дислоцирањето на објектите ќе ги спречи граѓаните да играат игри на среќа. Едноставно, пробувањето на среќата е дел од човечкиот карактер. Игри на среќа имало и ќе има секогаш. Сигурни сме дека едно избрзано решение само ќе создаде предуслови за отворање диви играчници, надвор од регулацијата на надлежните институции, каде што младите ќе бидат далеку позагрозени, а државниот буџет со намалени приходи. Доволно е да се потсетиме на аферата „Детонатор“ од 2011 година кога полицијата заплени околу 1.000 диво поставени покер-апарати во нелегални коцкарници“, велат од „Сакам да работам“.

Според нив, постојат поефикасни решенија од инсистирањето на затворање или дислоцирање на објектите со игри на среќа, како, на пример, напуштање на досегашната пракса за издавање лиценца за трговското друштво и воведување лиценца за секој објект во кој се организираат игри на среќа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП