29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСостанокот на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и Групацијата на Светската банка годинава...

Состанокот на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и Групацијата на Светската банка годинава ќе се одржи во Скопје

Состанокот на Холандско-белгиската конституенца на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светската банка (СБ) ќе се одржи од 21 до 23 јуни во Скопје. Организатори на ова издание на состанокот се Народната банка и Министерството за финансии.

Во Холандско-белгиската конституенца, покрај Холандија, Белгија и нашава земја, којашто годинава е домаќин на овој значаен меѓународен настан, членуваат и Босна и Херцеговина, Бугарија, Грузија, Ерменија, Израел, Кипар, Луксембург, Молдавија, Романија, Украина и Црна Гора.

На Состанокот во Скопје ќе учествуваат високи претставници на ММФ и Групацијата на СБ, меѓу кои се и заменик-претседателот на Групацијата на СБ за Европа и Централна Азија, Сирил Милер и директорите во ММФ и СБ, Антони де Ланој и Кун Дависе, коишто се задолжени за оваа конституенца, како и гувернери на централни банки и министри за финансии на земјите членки.

Средбите на Конституенцата претставуваат своевиден форум на кој високите претставници на носителите на фискалната и монетарната политика во земјите членки разменуваат мислења за политиките и програмите на ММФ и СБ, како и за други клучни прашања за европската и светската економија. Притоа, дискусиите се водат заеднички меѓу сите учесници на настанот, но и билатерално, меѓу претставниците на двете меѓународни институции и на земјите. Истовремено, Состанокот на Конституенцата секогаш претставува и можност за подобро запознавање на високите претставници на централните банки и на министерствата за финансии со економијата и културата на земјата домаќин.

Годинава, нашава земја ја има честа да биде домаќин на Состанокот на Конституенцата за првпат по 2003 година, кога нашата централна банка и нашето министерство за финансии за првпат ја имаа улогата на организатори на овој значаен настан.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП