18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСтатистиката охрабрува – раст на економијата, пад на невработеноста

Статистиката охрабрува – раст на економијата, пад на невработеноста

Државната статистика измери раст на економијата од 4.1 процент и пад на невработеноста за 3.8 процентни поени во првиот квартал. Овие податоци се охрабрувачки, но бизнисмените предупредуваат дека растот се темели на ниска основа бидејќи минатата година заврши со 2.7%, а првото полугодие беше со уште полоши резултати. Тие бараат сериозни мерки за стимулација на стопанството за растот да биде одржлив на подолг рок.

Раст на БДП од 4.1% во првиот квартал

Економијата се зголемила за 4.1% во првиот квартал. Најголем раст има секторот земјоделство од 13.6%.

Следат градежништвото со 7.0%, трговијата со 6.6%, преработувачката индустрија со 3.5%, рударството со 3.4%, јавната управа и одбрана со 2.8%, дејностите во врска со недвижен имот со 1.3%, стручни и научни дејности со 0.7%.

Секторот уметност, забава и рекреација стагнирал односно растот бил 0.0%. Намалување на економските активности има кај финансиски дејности од 1.1% и информации и комуникации од 0.7%.

Гледано збирно додадената вредност пораснала за 4.1%, даноците на производите за 3.6%, финалната потрошувачка за 2.1%, бруто инвестициите за 9.9%, извозот за 15.6%, а увозот за 14.4%.

Премиерот ја претекна статистиката

Премиерот предвреме се пофали дека економијата пораснала за 4.1% во првите три месеци. Прв пат во историјата на Македонија претседател на Влада го објави податокот и тоа неколку часа пред Државната статистика.

„Кога економијата расте над четири отсто и го достигнува потенцијалот тогаш и пензиите растат и тоа е фер. Денеска ќе соопштиме дека БДП за првиот квартал од оваа година е 4.1%, што значи дека ќе има динамично растење на пензиите и ако продолжиме со овој тренд тоа значи дека покрај редовното усогласување со трошоците на живот ќе имаме димензионирано сериозно растење на пензиите“ рече премиерот Зоран Заев во обраќање пред пензионерите на Републичка ревија на песни музика и игри 2019 година.

Проекциите за 2019-та меѓу 2.8 и 3.2%

Резултатот во првиот квартал ги надмина проекциите за цела 2019-та.

Владата очекува БДП годинава да порасне за 3.2%, на таа основа беше искроен и државниот буџет.

Проекцијата на Народната Банка е раст од 3.5%, на Меѓународниот монетарен фонд од 2.8%, на Светската Банка од 2.9%, на ЕБОР од 3.0%, а на Европската Комисија од 2.8%.

Градежните фирми бараат меѓуресорско тело

Градежништвото во првиот квартал порасна за 7.0% што е солиден резултат ако се земе предвид дека лани, за цела година, растот беше само 0.2%.

Компаниите од овој сектор бараат формирање меѓуресорско тело, во кое ќе учествуваат претставници на Градежната комора, Владата и општините, што ќе гарантира и резултира со побрзо придвижување.

„Она што е детектирано од страна на компаниите кои работат во овој домен се проблемите во спроведувањето на јавните набавки, честите менувања на плановите за јавни набавки, слабата реализација на плановите за јавни набавки, несоодветната процена на вредноста на набавките и лошата временска рамка на набавките“ изјави претседателот на Градежната комора при ССК, Ивица Јаќимовски.

Државата задоволна од реализацијата на капиталните инвестиции

Во првите четири месеци власта потрошила само 9.83% од парите предвидени за капитални инвестиции за цела година.

Сепак, надлежните се задоволни. Министерот за транспорт и врски вели дека треба да се почекаат следните 25 дена за да се видат конкретните бројки во неговиот ресор бидејќи првиот квартал, јануари и февруари не е градежна сезона.

„Претходната власт капиталните инвестиции ги темелеше на жални врби, згради по 40-50 милиони евра. Сега зборуваме за капитални проекти со личен бенефит на граѓаните. Кога се граделе споменици,  го немало за реконструкција на пример овој пат кој сега започна да се реконструира од Кавадарци кон Росоман. Триесет, четириесет години не се реконструирани овие патишта“ рече Горан Сугарески при посетата на Кавадарци.

Пад на невработеноста за 3.8 процентни поени

Економијата порасна, а невработеноста падна. Државната статистика за првиот квартал измери стапка од 17.8% што е за 3.8 процентни поени помалку во однос на истиот период лани.

Официјално во земјава сега има 171.329 невработени. Нивниот број за три месеци се намалил за 14.500 луѓе. Бројот на вработени изнесува 789.414.

Сериозни дисбаланси на пазарот на труд

Бизнисмените предупредуваат дека се потешко доаѓаат до квалификуван кадар, дека пазарот на труд не е прилагоден на нивните потреби.

„Може да се направат реформи за кои не треба долго време и пари, како  формализирање на алтернативни форми на вработување –  фриленсинг, онлајн работење или работа на далечина, со што би се охрабриле младите да остануваат тука и да работат, а исто време, да бидат заштитени“ смета претседателката на АМЧАМ, Дијана Десподов.

Надлежните се согласуваат со бизнисмените – мора да се преземат мерки за да се испеглаат разликите меѓу понудата и побарувачката на пазарот на труд, но конкретни резултати засега нема.

„Ние го делиме истото сознание со бизнис заедницата и сметам дека тоа може во иднина да биде ограничувачки фактор за развојот на економијата“ рече вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев. „Затоа ги влечеме сите чекори за да се решат проблемите како што се активните мерки за вработување и други стратешки проекти вразни со финансиската поддршка на индустријата, со цел да се зголеми технолошката моќ, додадената вредноста на производите и профитот на компаниите како би можеле да се поделат и повисоки плати“ објаснува Анѓушев.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП