27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДржавниот секретар Петровска на Конгрес на зелена економија во Белград

Државниот секретар Петровска на Конгрес на зелена економија во Белград

Државниот секретар на Министерството за животна средина и просторно планирање Ана Петровска учествува на третиот Конгрес на зелена економија (Green Economy Congress – GEC) што од денеска до сабота се одржува во Белград.

Оваа година, како што соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање, конгресот се организира под мотото „Зелени градови: Економска трансформација за Зелена Европа“ и се занимава со еколошки теми и начините на кои зелената агенда и одржливиот развој може да станат составен дел од нашите размислувања, активности и делувања. Целта е да се поттикнат промени и иновативни решенија на глобално ниво, како и решавање на клучните економски, социјални и еколошки предизвици.

Државниот секретар Ана Петровска на панел дискусијата „Регионални перспективи на циркуларната економија: Предизвици и можности“ имаше своја презентација за зелените работни места.

Според неа, зелените работни места придонесуваат за социјална еднаквост, за заштита на климата и одржлив развој на животната средина, но и за ефикасна употреба на ресурсите преку правилно управување со отпадот. Креирањето на вакви зелени работни места придонесува и за намалување на аерозагадувањето, конзервација на екосистемите, намалување на емисијата на стакленички гасови, за адаптација кон климатските промени, како и за зголемена енергетска ефикасност.

Во текот на тридневниот конгрес, учесниците (експерти, академици и претставници од невладиниот и приватниот сектор, како и други заинтересирани поединци) ќе имаат можност да ги слушнат излагањата на некои од највлијателните економисти, иноватори, претприемачи и носители на одлуки, да ги споделат своите искуства и да откријат начини за промовирање на алтернативна и одржлива визија за раст и развој на светот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП