Европската централна банка ги пушти денес во оптек банкнотите од 100 и 200 евра, за кои се вели дека се побезбедни.
“Тие се покомпактни и полесни за употреба, боите се посветли и се побезбедни”, рече Лор Лалут, специјалист за банкноти во Европската централна банка.
На прв поглед новите банкноти речиси никаде не се разликуваат од старите, освен во големината. Тие се со иста должина како и тековните банкноти, а висината им е сега како на банкнотите од 50 евра.
Се смета дека банкнотите од 50, 100 и 200 евра ќе бидат полесни за броење во машините, се вели во соопштението на банката. Тие, исто така, се потешки за фалсификување.
Банкнотите од серијата Европа се воведуваат постепено неколку години. Европската централна банка претходно одлучи да го суспендира производството на банкноти од 500 евра, но тие сé уште се важечки банкноти.