19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМФ: Отсега може да се аплицира за субвенциониран станбен кредит по камата...

МФ: Отсега може да се аплицира за субвенциониран станбен кредит по камата од 2,9%

Граѓаните отсега можат да аплицираат за новите и подобрени услови за субвенциониран станбен кредит. Со објава на законските измени во Службен весник стапуваат на сила пониските каматни стапки од 2,9%, но и други поволности како дополнителна едногодишна субвенција од 30% за родено или посвоено дете.

– Каматните стапки за првиот модел, во кој државата субвенционира дел од месечната рата, ги намалуваме од 3,95% на 2,9% за првите 3 години. За четвртата и петата година каматите ги намалуваме од 4,44% на 3,9%. Ова се во моментот меѓу најниските каматни стапки за станбен кредит на пазарот. Намалувањето на каматните стапки значи сериозна заштеда за граѓаните. На пример, за кредит од 50.000 евра, само по основ на камати граѓаните ќе заштедат 1.300 евра – рече Тевдовски, кога ги презентираше новите подобрени услови пред Македонската банкарска асоцијација.

Со измените се намалува и каматната стапка за моделот „Учество“. Имено наместо досегашната стапка од 4,5% + 6-месечен Еурибор, со измените каматата е 4% + 6-месечен Еурибор. Инаку оваа камата важи за цело времетраење на исплата на кредитот.

– Одиме и чекор понатаму за поддршка на граѓаните кои планираат да формираат или да го зголемат семејството. Едногодишна субвенција на месечната рата (главнина и камата) во висина од 30% за секое родено или посвоено дете за корисниците на кредитите кои ќе го зголемат семејството  во рок од 10 години од добивање на кредит преку проектот – рече министерот за финансии Тевдовски.

Се предлагаат и нови модели на субвенционирање кои ќе обезбедат подобри услови, особено за младите. Кај моделот за купување на стан за млади, наместо 50% субвенција, отсега државата ќе субвенционира 70% месечна рата (главнина и камата) во првите пет години или 70% од учеството. Со ова ќе се обезбедат повисоки субвенции за околу 2.500 евра во однос на порано.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП