25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНиви и плацови – долгорочна и сигурна инвестиција

Ниви и плацови – долгорочна и сигурна инвестиција

Нивите и плацовите се најдобрата инвестиција на долг рок – нивната вредност има тенденција на постојано иако постепено зголемување.

Анализите на пазарот покажуваат дека недвижниот имот, особено неизграденото градежно земјиште, во последните децении неколкукратно ја има зголемено својата вредност. Ова особено важи за Скопје и околината.

„Пред 10, а особено пред 20 години можеа да се купат плацови за багателни цени во околината на Скопје, пред се во Визбегово, Илинден. Во меѓувреме овие локации прераснаа во индустриски зони и сега земјиштето таму вреди многу повеќе. Оние кои вложиле тогаш сега имаат пет до шест пати повреден капитал“, објаснува Мирко Петревски, аналитичар на пазарот со недвижности.

Сѐ уште постојат региони каде во моментов цените се релативно ниски, но се очекува дека на среден и на долг рок ќе растат.

„Кога јас би инвестирал свои пари тоа би го направил во градежно земјиште. Становите веќе не се толку исплатливи и нивните цени може значително да паднат поради хиперпродукција, тие и губат дел од својата вредност поради амортизација. Секоја година излегуваат нови и посовремени материјали па становите изградени пред 10 или 20 години не се споредуваат со оние кои се прават сега. Сето тоа влијае на цените“, објаснува Петревски.

Веќе извесното зачленување на земјава во НАТО и евентуалното приближување кон Европската Унија ќе го поттикне пазарот, сметаат аналитичарите. Тие објаснуваат дека земјиштето ниту старее ниту расте, побарувачката има тенденција на зголемување што секако влијае и на раст на цените.

„Оние кои беа мудри и во деведесеттите вложија во парцели во Скопје и во околината заработија многу. Сега не може да се очекува толку нагло покачување на цените, но политичката и економската стабилизација на земјата и влезот на странски инвестиции може да предизвика нов бум“, објаснува Петревски.

Освен влегувањето во НАТО и ЕУ цените на земјиштето може да ги поттикнат и инвеститорите од Истокот. Се поактуелно во Европа е купувањето на обработливи површини од страна на Кинези и Арапи кои овде произведуваат храна која потоа ја извезуваат во своите матични земји. Но, овој тренд се уште не стигнал во Македонија.

Цените на градежното земјиште постојано растеа уште од независноста на Македонија, но оние на земјоделското имаа тренд  на стагнација па дури и на пад.

Ова делумно се промени пред десетина години кога државата почна да дава големи земјоделски субвенции па многумина земаа огромни површини под концесија а го обработуваат само заради државната поддршка.

Државата во изминатиот период продаде и големи површини градежно земјиште со почетна цена од евро за квадрат за изградба на хотели, фабрики, бензински пумпи што дополнително влијаеше на цените. Сепак, државно земјиште има се помалку па не се очекува ваквиот тренд да продолжи.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП