27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОпштествена одговорност не е трошок туку инвестиција

Општествена одговорност не е трошок туку инвестиција

Општествената одговорност не е трошок, туку е инвестиција. Сепак, македонските компании многу малку знаат за овој концепт кој за мали пари им носи подобрен имиџ и бесплатна реклама.

„Две од три компании во Европа ја практикуваат општествената одговорност. Кај нас оние кои се вистински посветени на овој концепт буквално се бројат на прсти“, објаснува економскиот советник Елена Божиновска.

Истражувањата покажуваат дека во Европа над 50%, а кај нас околу 25% од потрошувачите се грижат компанијата од која добиваат добра и услуги да биде општествено одговорна.

„Доколку овие практики вистински се имплементираат ефектите се повеќекратни, се зголемува продуктивноста на вработените, лојалноста на клиентите, а може дури и да се намалат трошоците“ вели Божиновска.

За едно претпријатие да се смета за општествено одговорно треба да исполнува повеќе критериуми: етичко однесување кон вработените, почитување на интерните кодекси, правила и законот, запазување на принципите на здравје и сигурност, безбедност на производи, заштита на потрошувачите, примена на одговорни деловни практики, ангажирање во заедницата, филантропски активности, добротворни донации, волонтерство, социјални бенефиции, еднакви можности за вработените, можности за обука и напредување во кариерата, избегнување на правење отпад и загадување, еко ефикасност, произведување производи за рециклирање, обезбедување на одржливост, контрола на емисиите на гасови, активности за спречување на континуирано намалување на одредени ресурси.

„Сето ова звучи компликувано, но доколку менаџерскиот тим е посветен имплементацијата е едноставна, а ефектите се повеќекратни. За фирмите тоа е подобрен бренд, зголемена продажба, поголема продуктивност. За јавноста тоа е безбедност на производите и заштита на потрошувачите, еколошки бенефиции, поголема употреба на обновливите извори на енергија, донаторски и волонтерски активности“ вели Божиновска.

Во Македонија општествената одговорност како практика почнува пред 10-тина години, а во 2007 година е формирано и Национално тело за општествена одговорност кое секоја година доделува награди за општествено одговорни компании во повеќе категории.

Македонските фирми просечно издвојуваат нешто над 10 милиони евра годишно за хуманитарни акции и донации. За тој износ се ослободени од плаќање данок. Податоци за парите што ги трошат за другите сегменти од општествената одговорност нема.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП