Кинескиот јуан падна во однос на американскиот долар на најниско ниво од декември поради ескалацијата на трговската војна меѓу САД и Кина.
Народната банка на Кина соопшти дека одлучила да го девалвира курсот на јуанот во однос на американскиот долар за 0,6 проценти поради тековната трговска војна со Соеднинетите држави.
Новиот курс кој го одредила банката изнесува 6.8365 јуани за еден долар, додека ден порано изнесувал 6.7954.
Претходно Соединетите Држави ги зголемиле тарифите на кинеските стоки во вредност од 200 милијарди долари од 10 на 25 проценти, со што ескалирале трговските конфликти помеѓу двете земји. Според најавите на американскиот претседател Доналд Трамп, Вашингтон, исто така, ќе наметне нови тарифи за останатиот американски увоз од Кина, во вредност околу 300 милијарди долари.
Како одговор, Пекинг вовел 25, 20 и 10 проценти увозни давачки за 5.410 американски производи. Овие мерки ќе почнат да се применуваат од 1 јуни.
Народната банка на Кина веќе го девалвираше јуанот во 2015 година, а таа мерка многу експерти ја гледаат како средство за стимулирање на извозот на земјата.
За време на трговските преговори со Кина, Вашингтон многу пати истакнал дека ќе наметне нови тарифи на Пекинг во случај на натамошно обезвреднување на јуанот.