4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПремиерката на Нов Зеланд одговори на девојчето кое ѝ испрати поткуп за...

Премиерката на Нов Зеланд одговори на девојчето кое ѝ испрати поткуп за да стане дресер на змејови

Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, го отфрли „поткупот“ на 11-годишно девојче, кое испратило пет долари за да ги поттикне властите да почнат проект за истражување змејови, објави Би-би-си.

Девојчето по име Викторија сакало да добие телекинетичка моќ и да стане дресер на змејови.

Таа во писмото во кое пишувала за својата желба испратила и пет новозеландски долари.

Премиерката ѝ одговорила со официјално писмо во кое пишува дека нејзината администрација во моментот не работи со змејови.

Премиерката исто така додава: „Секако будно ќе ја следам евентуалната појава на змејови. Дали носат костуми?“

Братот на девојчето ваквата преписка ја поставил на платформата „Редит“, со коментар дека неговата сестра се обидела да ја поткупи премиерката.

Тој објаснил дека неговата сестра се заинтересирала за телекинетички моќи откако ја гледала „Нетфликс“ серијата Stranger Things.

Ардерн за Би-би-си потврди дека овој симпатичен настан навистина се случил и дека таа одговорила на девојчето со бујна имагинација.

„Нè заинтересира нејзиниот предлог за змејови, но, за жал, ние во моментов не правиме истражувања во таа област. Затоа ги вратив парите наменети за ‘поткуп’ и ѝ посакав сè најдобро“, објаснила премиерката.

Ова не е првпат Ардерн, која минатата година стана мајка, да одговори на писма од децата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП