8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСлободен пазар: од полноќ различни цени на горивата

Слободен пазар: од полноќ различни цени на горивата

Секоја пумпа со свој тарифник. Од полноќ горивата ќе се продаваат по различни цени. Законскиот вакум може да предизвика поскапување.

РКЕ апелира да не се предизвикуваат ценовни шокови

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) која во моментов нема законска можност да ги одредува цените денеска препорача дека доколку се следат трендовите на светските берзи од полноќ би требало да има благо поевтинување на бензините и иста цена или благо поскапување на дизелот.

„Така ќе беше и доколку се користеше старата методологија по која досега ги определувавме малопродажните цени“, вели претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски.

Регулаторот апелира трговците да не предизвикуваат ценовни шокови. Веќе разговарале со најголемите играчи на пазарот и добиле уверување дека ова нема да се случи.

„Не очекувам никакво користење на вакум периодот и очекувам да ги следат  цените на светските берзи на секој дериват одделно и да го имаат во предвид курсот на доларот што и досега претставуваа најбитните елементи за определување на цената при носењето на нашите одлуки“, вели Бислимовски.

Досега трговците секогаш се одлучуваа за највисоката цена

Дека сепак се можни поскапувања покажува досегашното однесување на трговците. Тие секогаш се одлучуваа за највисоката цена од четирите нивоа што ги нудеше РКЕ според досегашната методологија.

Четирите нивоа на малопродажни цени на нафтените деривати беа засновани на четири различни трговски маржи и меѓусебно се разликуваа за 0.5 денари по литар.

На овој начин постоеше можност трговците да одберат и применат различни ценовни нивоа, со тоа што разликата помеѓу највисоката и најниската малопродажна цена за соодветен нафтен дериват можеше да изнесува 1.5 денари по литар.

Ова се правеше од крајот на 2004 година, а со цел да се поттикне конкуренцијата меѓу бензинските пумпи, односно во секторот малопродажба на нафтени деривати. Сепак, во изминативе 15 години не се случило ниту еден трговец да продава деривати кои ќе бидат поевтини од највисокото определено ниво.

Во земјава има околу 300 бензински пумпи. Од нив речиси половина или 126 се на „Макпетрол“. Следат „Лукоил Македонија“ со 29 пумпи, „Окта“ со 25, додека преостанатите се во приватна сопственост на повеќе домашни мали претпријатија.

Кои се цените на горивата во моментов?

Пред две недели РКЕ за последен пат ги утврди цените по старата методологија. Тогаш во просек се зголемија за 1.12%.

Малопродажната цена на бензинот Еуросупер 95 се зголеми за 0.50 денари по литар и изнесува 72.00 денари.

Еуросупер 98 и Еуродизел се зголемија за по 1.00 денари и се продаваат по 74.00 односно 63.50 денари по литар.

Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство изнесува 52.00 денари по литар.

Од следната недела повторно регулирани цени

Пазарот ќе биде либерализиран веројатно само една недела. Од следната РКЕ повторно ќе ги утврдува цените, но по нова методологија.

„Во завршна фаза сме на донесувањето на новата методологија. Неопходно е да се донесат измените на Законот за енергетика кои се во собраниска процедура и веднаш по нивното носење ќе одржиме подготвителна и главна седница на која ќе ја усвоиме новата методологија. Доколку работите одат според предвидениот план очекува цените по новата методологија да бидат определени веќе од следниот понеделник“, рече Бислимовски.

Привремената либерализација на пазарот и можноста трговците сами да ги определуваат цените на нафтените деривати настана поради правниот вакуум предизвикан со не потпишувањето на измените на Законот за енергетика од поранешниот претседател Ѓорге Иванов заради што не можеше навреме да биде донесена новата методологија по која РКЕ треба да ги определува цените.

Потребата за донесување нова методологија е заради истекувањето на важноста на Анексот „Д“ што произлегува од Договорот за купопродажба на ОКТА на 8 мај годинава, според кој беше определена и постојната методологија за малопродажните цени на нафтените деривати.

Со новата методологија цените ќе се менуваат секоја недела

Од РКЕ велат дека откако новата методологија ќе стапи во сила нови цени ќе се утврдуваат секој понеделник, а не како досега секој втор понеделник.

„РКЕ ги штитела, ги штити и во иднина ќе продолжи да ги штити правата на потрошувачите. Со новата методологија ќе им определи маржа на трговците која ќе им овозможи да работата со разумен профит, но таа ќе биде многу помала од маржата од 11,5 отсто што беше определена за универзалниот снабдувач со електрична енергија“, вели Бислимовски.

Колку чини литар гориво без давачките кон државата?

Литар безоловен бензин за 34 денари. Толку би чинело горивото на бензинските пумпи ако од малопродажната цена се одбие заработката на трговците и делот кој оди во буџетот.

Кога точите гориво најголем голем дел од парите одат кај државата. Според последно утврдениот тарифник  од пред две недели производствената цена на дизелот е 34.4 денари. На ова се додаваат 0.03 денари за еколошка такса, 0.3 денари за задолжителни нафтени резерви, 15.449 денари за акциза, 3.2 денари трговска маржа. На сето ова се додава и 18% ДДВ со што крајната цена што плаќа купувачот е 63.5 денари по литар.

Горивата поскапеа за 20 денари за 10 години

Бензините за една деценија во просек поскапеа за 20 денари. Според одлуката на РКЕ од 13 април 2009 година малопродажната цена на Еуросупер 95 била 54.5 денари по литар, на Еуросупер 98 била 56.00 денари, на Еуродизелот 44.50 денари.

Зголемување има и во однос на лани. Во средината на април 2018-та цена на Еуросупер 95 била 68.0 денари по литар, на Еуросупер 98 била 69.50 денари, на Еуродизелот 60.00 денари.

Откако на 1 јануари 2018-та година беше воведена дополнителна акциза од 3 денари а со додаден ДДВ во суштина за 3.5 денари по литар овој нафтен дериват има и најголем пораст на просечната цена. Пред десет години литар дизел чинел 44.50 денари, а сега 62.5 денари.

Просечна плата: колку литри може да се купи во Македонија, колку во Европа?

Податоците покажуваат драстична е разликата во куповната моќ во Европа кога се споредуваат просечните плати и цените на горивата.

Според податоците на Евростат за минатата година Македонците можеле да си дозволат 388 литри гориво со една просечна плата. Во регионот зад нас се Босанците со 385 литри и Србите со 333 литри. Подобри од нас се Хрватите со можност за 641 литри и Црногорците со 402 литри.

На ниво на Европа најмногу гориво со просечна плата можат да си дозволат жителите на Германија 1.845 литри, на Ирска 1.925 литри, на Данска 2.226, на Швајцарија 3.526 литри, а убедливо најмногу во Лихтенштајн 4.238 литри.

Од друга страна жителите на Украина со просечна плата може да си дозволат само 210 литри.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП