2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЛани на должност биле убиени 95 новинари

Лани на должност биле убиени 95 новинари

Најмалку 95 новинари загинале на должност во текот на минатата година, соопшти Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ), по повод 3 мај, Светскиот ден на слободата на медиумите. Бројот на загинати новинари во 2018 е поголем од 2017 година, но помал во одност на претходните години кога ескалираа конфликтите во Ирак и Сирија. Најголем број новинари загинале на должност во 2016 година – 155.

Минатата година вниманието на светската јавност го привлече убиството на саудискиот новинар и колумнист во „Вашингтон пост“, Џамал Кашоги, што се случи на 2 октомври во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, што предизвика дипломатска криза меѓу Анкара и Ријад.

Минатиот месец беше убиена новинарката Лајра Меки, додека известуваше за протестите во Северна Ирска, а одговорноста за нејзината смрт ја презеде Паравоена формација.

Авганистан минатата година била најопасната држава за новинари и таму лани загинале 16 репортери. Само во еден напад во Кабул загинаа 9 новинари кои известуваа за бомбашки напад. Во САД беа убиени пет новинари во нападот на „Капитал газета“ во Мериленд.

ИФЈ смета дека нетолеранцијата, популизмот, криминалот и корупцијата се фактори кои придонесуваат за атмосферата во која се случува повеќе новинари да загинат известувајќи во своите градови отколку во воени зони.

По бројот на уапсени новинари, Турција е на прво место. Таму лани се притворени 68 новинари. Во Кина се затворени 47 новинари, во Египет 25, во Саудиска Арабија и Еритреја по 16.

Обединетите нации по повод Светскиот ден на слободата на медиумите испрати порака за важноста на слободата на печатот за демократијата, особено за време на избори.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, рече дека ниту една демократија не е комплетна без пристап до транспарентни и проверени информации.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП