26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: фантастични профити на банките - просечниот Македонец должи 1.229 евра

Анализа: фантастични профити на банките – просечниот Македонец должи 1.229 евра

Просечниот Македонец на банките им должи 1.229 евра. За една година се задолжил за дополнителни 110 евра.

Најновите податоци на Народната Банка покажуваат дека вкупните кредити одобрени на домаќинствата во март годинава изнесувале 2 милијарди 551 милиони и 479 илјади евра.

Во истиот месец лани кредитите изнесувале 2 милијарди 323 милиони и 674 илјади евра.

Најголем дел од кредитите се денарски, 1 милијарда и 444 милиони евра. Останатите се со девизна клаузула.

„Во март 2019 година, вкупните кредити на домаќинствата остварија месечно и годишно зголемување од 1.0% и 9.7%, соодветно. Анализирано по валута, нагорните месечни и годишни промени во најголем дел произлегуваат од денарските кредити“ наведува Комитетот за монетарна политика на Народната Банка.

Раст на месечно ниво има и кај депозитите, но тој е помал во однос на кредитите.

„Стапката на годишен раст на депозитите на домаќинствата изнесува 8.7%, пред сè како резултат на порастот кај депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута“, се наведува Народната Банка.

Вкупните депозити на домаќинствата заклучно со март годинава достигнале 4 милијарди 125 милиони 983 илјади евра. Ако ова се подели на вкупниот број на жители кој според Државниот завод за статистика изнесува 2.075.301 произлегува дека во просек секој Македонец во банките има депонирано 1.988 евра.

Народната Банка неколку пати ја намали основната камата, но банките побавно ги спуштаа каматите на кредитите што ги одобруваат.

Секторот продолжува да има фантастични профити. Целиот сектор лани имал вкупна добивка по оданочување од 135.8 милиони евра. Ова добивка е за дури над 27% повисока од остварената во 2017-та кога банките прикажаа позитивен финансиски резултат од 106.5 милиони евра.

Во 2018-та 8 банки што котираат на берза работеле со добивка, а 5 од нив се вбројуваат во 10-те компании со најголема добивка.

Профитот на Комерцијална Банка лани беше 28.9 милиони евра и порасна за 114%, добивката на Стопанска Банка Скопје достигна 44.5 милиони евра и беше поголема за 34%, НЛБ Банка прокнижи заработка од 34.5 милиони евра што е на речиси исто ниво како и претходната година.

Од друга страна, според податоците на Народната Банка, заклучно со 31 декември 2018-та во Македонија имало 82.029 граѓани со блокирани сметки. Во споредба со 31 декември 2017-та нивниот број е зголемен за 1.567. Во истиот период имало 29.027 компании со блокирана сметка што е намалување за 1.238.

Но, бидејќи и граѓаните и фирмите најчесто имаат по неколку трансакциски сметки вкупниот број на блокирани сметки е многу поголем и заклучно со крајот на мината година бил 236.764.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП