19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМомче кое пред седум години исчезнало, успеало да им побегне на киднаперите

Момче кое пред седум години исчезнало, успеало да им побегне на киднаперите

Четиринаесетгодишно момче дошло во полицијата во Кентаки и рекло дека е исчезнатото момче Тимоти Пиџен, за кое се трага веќе седум години, и дека конечно успеал да им побегне на киднаперите, пренесуваат американските медиуми.

Рекол дека бил чуван во еден од мотелите на ланецот „Ред Руф Ин“, каде наводно живеел со двајцата киднапери, мажи. Тинејџерот сам дошол до полицијата и дал таков исказ, пренесе Си-ен-ен.

Не знаел да ја каже точната локација на мотелот во кој бил сместен, но рекол дека за време на бегството трчал се додека не го претрчал мостот и од Охајо не влегол во сојузната држава Кентаки.

Локалната полициска станица Шеровил во Охајо ги испратила сите расположливи полицајци да ги пребараат сите мотели на „Ред Руф Ин“ на тоа подрачје, но не успеале да пронајдат ништо значајно за истрагата.

На Тимоти, кој во моментот на неговото исчезнување имал 6 години, му се губи секаква трага во мај 2011 година, откако неговата мајка го изнела од училиштето поради наводно итна семејна ситуација, а всушност го однела на тридневно патување по околните зоолошки градини и водени паркови. Последен пат детето било видено во воден парк во Висконсин Делс.

Полицијата соопштила дека тинејџерот ги опишал киднаперите како двајца бели мажи, градени како билдери, од кои едниот имал тетоважа од пајакова мрежа на вратот, а другиот тетоважа од змии на двете раце.

Исто така рекло дека тие возеле „Форд СУВ“ со регистарски ознаки од државата Висконсин.

Како што се наведува, Тимоти со својата мајка во само два дена поминал 800 километри. Биле расположени за време на патувањето, што се гледало и на снимките од безбедносните камери од хотелот и местата кои ги посетиле. Се слушале неколкупати и со блиски членови од семејството да ги информираат дека се безбедни.

Подоцна мајката, Ејми Фрај-Пиџен била најдена мртва во мотел во Рокфорд во Илиноис. Се убила, пресекувајќи си ги вените и оставила проштално писмо, во кое пишувало дека Тимоти е на сигурно и дека е згрижен од луѓе кои го сакаат. „Никогаш нема да го најдете“ пишувало во писмото.

Таткото на Тимоти и други членови на семејството сиве овие години не престанале да го бараат.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП