17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСе полни државната каса – раст на буџетските приливи

Се полни државната каса – раст на буџетските приливи

Даночната реформа веќе ги дава првичните резултати. Во првите два месеца од годинава државната каса се полнела со побрзо темпо во однос на исиот период лани – раст има кај сите ставки, а најмногу кај даноците.

Државата собира повеќе од граѓаните и компаниите

Прогресивното оданочување веќе почна повеќе да ја полни државната каса.

Во јануари годинава по основ на персонален данок на доход биле собрани нешто над 19 милиони евра што е за 2.3 милиони евра повеќе во однос на истиот месец лани.

Во февруари, пак, биле собрани 22 милиони евра што е за 2.2 милиони повеќе.

Буџетските проекции покажуваат дека само по овој основ власта во 2019-та планира да собере 310 милиони евра што е за 31 милион повеќе во однос на 2018-та.

Од оваа година се зголемени и придонесите за здравствено и за пензиско осигурување за 0.5 процентни поени.

И овие буџетски ставки годинава се полнат со побрзо темпо од лани.

Во Фондот за пензиско (ПИОМ) во јануари се слеале 43.9 милиони евра што е за 2 милиони повеќе во однос на истиот месец лани. Во февруари биле собрани 54.4 милиони или 5 милиони повеќе од истиот период претходната година.

ПИОМ годинава треба да собере 691 милион евра по основ на придонеси што е за дури 76 милиони евра повеќе од лани.

Во Фондот за здравство (ФЗОМ) во јануари се собрале 18.4 милиони евра или речиси 1 милион повеќе. Во февруари се слеале 22.9 милиони и 2.1 милион повеќе од исиот месец претходната година.

ФЗОМ годинава треба да прибере вкупно 280 милиони и 780 илјади евра што е за 20 милиони евра повеќе од лани.

Зголемените буџетски приливи не се резултат само на повисоките стапки туку и на поголемиот број на вработени како и на растот на платите.

Даночната реформа направи серија системски промени

Од 1 јануари годинава доходот се дели во две групи – доход од труд и доход од капитал. За доходот од труд (плати, пензии, договори за дело, авторски права, самостојна дејност), се воведува прогресивност, односно дополнителна стапка од 18% за даночната основа која надминува 1.080.000 денари годишно или 90.000 денари месечно. За приходот до оваа сума останува старата стапка од 10%.

Од друга страна е предвидено зголемување на даночното намалување кај платите и пензиите, односно делот на кој не се плаќа данок на 8000 денари. Со тоа се влијае на намалување на ефективната даночна стапка за лицата што остваруваат доход од плати.

Данокот на приходите од капитални добивки, дивиденди и кирии се зголемува од сегашните 10 на 15% без оглед на износот.

2019-та е година со историски најголем буџет

Државната каса секоја година е се потешка – во 2019-та Владата планира и да собере и да потроши повеќе пари од 2018-та.

Вкупните буџетски приходи се проектирани на 3 милијарди и 428 милиони евра или 9.5% повеќе од лани. Расходите треба да бидат 3 милијарди и 716 милиони евра или 5.4% повеќе.

Државата планира да прибере 3 милијарди и 428 милиони евра од граѓаните и од компаниите што е за 9.5% повеќе.

Најголем дел преку даночни приходи и придонеси или вкупно 2 милијарди и 955 милиони евра што е зголемување од 7.9%.

Само од даноци треба да бидат инкасирани 1 милијарда и 981 милион евра.

Основни параметри на буџетот за оваа година се раст на економијата од 3.2%, дефицит од 2.5% и инфлација од 2.0%.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП