25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСоцијални разлики: малкумина богати, многумина сиромашни

Социјални разлики: малкумина богати, многумина сиромашни

Статистиката мери дека разликите меѓу сиромашните и богатите се намалуваат, но граѓаните велат дека тоа не го чувствуваат.

ДЗС: помали разлики меѓу богатите и сиромашните

Државниот завод за статистика (ДЗС) мери минимално, но континуирано намалување на GINI коефициентот кој ја мери разликата меѓу богатите и сиромашните.

GINI во 2015-та изнесувал 0.337, во 2016-та бил 0.336 а во 2017-та (последни достапни податоци) се спуштил на 0.325.

GINI е мерка на нееднаквоста на приходите. Вредноста на коефициентот е дефинирана во распон од 0 до 1, при што ниска вредност индицира подеднаква распределба на приходите или богатството, а висока вредност на нееднаквоста. Доколку GINI изнесува 1 тоа би значело дека во конкретното општество едно лице го поседува целиот приход, а сите други немаат приходи.

Во светски рамки најголема нееднаквост меѓу населението има Јужна Африка со коефициент 0.634, следуваат Намибија со 0.613 и Хаити со 0.608. Најмали разлики има во Украина 0.255, Исланд 0.256 и Словенија 0.257.

Од земјите во регионот освен Словенија која стои фантастично добро и на глобално ниво, солидно котираат и Албанија со 0.290, Србија со 0.291, Црна Гора 0.319, Хрватска 0.322, Босна 0.331, Грција 0.358, Бугарија 0.374.

Граѓаните не чувствуваат намалување на разликите

Граѓаните не се согласуваат со статистичките податоци. Најголем дел од нив велат дека разликите меѓу богатите и сиромашните не само што не се намалуваат туку и се зголемуваат.

„Па погледнете само какви автомобили се возат низ Скопје, тоа доволно кажува. Се почесто може да се види Порше, Ламборџини или Хамер. Такви коли беа незамисливи за овде пред 10 – 20 години. Од друга страна над 90% од другите возила се стари десетина година и чинат во просек по две илјади евра“, вели жител на главниот град.

„Јас мислам дека сиромашните се се посиромашни, а богатите се се побогати. Па на обичниот работник платата е замрзната со години, а трошоците растат. Како тогаш би се намалиле разликите?“ вели жителка на Скопје.

Пензионерите пак се присетуваат на старите и како што велат добри времиња.

„Во бившата држава скоро сите бевме исти. Секако дека тие што беа во Партијата не се мереа со нас, ама барем не се покажуваа јавно. Во Југославија беше срамота да покажеш дека имаш повеќе од другиот“, вели пензионер од Скопје.

70% работниците имаат плата под просекот

GINI коефициентот е одраз пред се на платите. Во најновата публикација на ДЗС „Жените и мажите во Северна Македонија“ стои дека само 3.1% од работниците имаат плата над 40 илјади денари. 4.9% меѓу 30 и 40 илјади, 9.1% меѓу 25 и 30 илјади.

Од Сојузот на синдикати (ССМ), пак, велат дека дури 70% од вработените имаат пониски примања од просечните.

„Дури и 90% од работниците со високо образование се под просекот, па можете да замислите какви примања имаат во преработувачката индустрија, во трговијата или во земјоделството“ вели Пеце Ристески од Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство (СИЕР).

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП