27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗаконот за акцизи – „масакр“ или позитивна можност за лозарите

Законот за акцизи – „масакр“ или позитивна можност за лозарите

Голем дел од семејствата во Тиквешко произведуваат домашни ракија и вино. Некои само за сопствени потреби, а други и за продажба. Тие што произведуваат за продавање, обезбедуваат пласман кој како ќе се снајде. Почнувајќи од пазарите во Македонија, па сè до странство, преку некои од возачите кои возат надвор од земјава. Различни се мислењата на индивидуалните производители на вино и ракија околу предлог-законот за акцизите, кој Владата го има доставено до Парламентот.

Државата сака да ја затвори единствената славина за лозарите

Акцизите за производство на ракија и вино во домашни услови што планира да ги воведе државата се во согласност со деценискиот економски „масакр“ што се врши врз лозарот во Република Македонија, за МИА вели Ѓоко Ајтов од Неготино.

-Сега државата сака да ја затвори и единствената славина за проток на пари до лозарите, со која можеа да се спасат од економскиот „масакр“ на винарските визби. Своевремено некои од нив останаа без работа кога се затворија фабриките во кои работеа, сега како да се изнесени на стрелање и поарно да бидат убиени, дециден е овој индивидуален производител на ракија и вино.

Не смее да се донесе, вели, акциза за производство на домашни ракија и вино, сè додека државата не донесе закон за вино, со кој ќе биде решен статусот на лозарот. По тој закон, додава, нека се донесе тој за акцизи.

-Не е во ред донесување закон за акцизи, додека сè уште се во хаосна ситуација лозарството и винарството. Прво да се донесе закон за вино, кој ќе биде функционален и за лозарите и за винарите и ќе ги регулира нивните меѓусебни односи, а потоа закон за давачки, категоричен е Ајтов, кој обработува три хектари лозје, а од дел од грозјето произведува вино и ракија во домашни услови. Како што вели, за домашни потреби.

-Производството на вино и ракија во домашни услови е последица на винската политика што ја спроведуваат нови газди на винарски визби по приватизацијата. Сега тие не стопанисуваат, туку винарниците ги користат како орудие за економско малтретирање на лозарите, додава тој.

Само кај нас сè уште ракија се продава и во туби

Наспроти незадоволството кај дел од производителите на ракија, кои сметаат дека со новиот закон за акцизи ќе бидат обременети со давачки, покрај штетите што ги трпат од ниските цени на грозјето, има и такви што размислуваат поинаку.

-Мислам дека лозарите со децении наназад се недоволно едуцирани и можноста да се регистрираш што ќе ти ја дава државата е позитивна. Бидејќи покрај вино и маџун, се дава можност и регуларно да се произведува ракија. За жал, Македонија е единствена држава во Европа и во светот, мислам, во која ракијата сè уште до ден-денес се продава и во туби. Ниту е испитана со каков квалитет е. Јас како производител никогаш не сум ја испитал каков квалитет има мојата ракија. Се продава во туби за евтина цена, која децении наназад се врти околу сто денари за литар. Некои мислат дека државата ќе им одземе право, но јас размислувам поинаку. Ако државата те тера да платиш акциза од 30 денари, со тоа ти дава право на бандероли, право на сопствена етикета. Фамилијата која ја прави, да може регуларно да ја продава таа ракија на пазарот. Со тоа ќе добиеме многу. Досега, при продажбата на таа ракија, најголем ќар имаат трговците надвор од Кавадарци и Неготино. Таа домашна ракија што се продава по сто денари, во Скопје се продава и по двесте. Сега државата ќе даде можност, да се стави бандерола и етикета, фамилијата која ја произведува добива можност да се регистрира како мини семејна дестилерија, вели за МИА, Горан Јаковлевски од Кавадарци, кој е индивидуален производител на домашни ракија и вино.

Кога си нерегистриран, просторот околу тебе е ограничен

Јаковлевски е дел од работната група со која се консултирале околу измените во Законот за вино во делот на малите винарници.

-Имаме предлог да се направи категоризација или поделба на три категории. Во првата категорија да влезат физичките лица кои произведуваат до 15 илјади литри. Втората категорија се малите винарници до околу 100 илјади литри. Третата категорија се големите индустриски капацитети кои произведуваат над 100 илјади литри. Досега имало 74 регистрирани производители на вино, исклучиво правни лица. Ниедно физичко лице не се појавило или заинтересирало да биде регистрирано. Една од пречките е во делот на образованието. Постојниот закон бара да си исклучиво енолог и да можеш да се регистрираш како производител на вино. Сега бараме таа граница да се симне, да се има минимум средно образование и да се имаат основни познавања за правење вино. Едно од барањата е да се организира курс, сите физички лица кои сакаат да се регистрираат како производители на вино во сопствените вински подруми да можат да го положат и со него да можат да бидат самите свои енолози во сопствените вински подруми. Сè уште некои мислат дека ако се појават некои нови, дека ќе им го земат пазарот. Ние категорично го отфрламе тоа. Бидејќи и ден-денес има голем број производители на вино, би рекол стотици, а можеби и илјадници, па и на ракија, кои произведуваат и продаваат. Не се направила никаква анализа, не се контролираат тие вино и ракија, а се продаваат. Сега со новиот закон за вино, покрај тоа што бараме да бидеме регистрирани, тука државата ни наложува дека на тоа вино треба да се направи анализа и после тоа да биде пуштено во употреба. Значи, без анализа не може да се појави на пазарот. Јас сум производител на вино и сакам да се регистрирам како мал производител, семејна винарница, нагласува Јаковлевски.

Го прашавме како го коментира ставот на оние што сакаат да произведуваат и да продаваат по пазари, роднини и пријатели, а не сакаат да се регистрираат.

-Јас не гледам противници. Можеби има некои што јас не ги знам. На натпреварите на кои учествуваат индивидуални производители на вино и ракија има по стотина мостри кои се оценувани од стручни лица енолози. Сите тие производители се заинтересирани да се регистрираат. Тоа е само една мала бројка од сите во државата што произведуваат вино. Ги има и во Неготино, Демир Капија, Гевгелија, Струмица, Скопје, Велес и други места, вели тој.

Семејните винарници даваат можност и за вински туризам

Го прашавме дали со ова ќе се издвојат вистинските индивидуални производители.

-Законот ќе даде можност на физичко лице ова да му биде и дополнителна дејност. Наспроти досегашниот закон, кој дава една можност, да произведуваш грозје и да го продадеш кај регистриран производител, при што ти ја диктираат цената, сега ќе има две можности. Со измените на законот бараме втора можност, ако не ми одговара цената за грозјето, да можам да го преработам и да го продадам како готов производ. Регистриран, со сите анализи, со сопствена етикета, тоа не е ништо ново. Тоа го има во Хрватска, Словенија. Таму има бројка од над 40 илјади регистрирани производители на вино. За жал, кај нас се 74. Заинтересирани за регистрација има многу, бројките се бројат во стотици, можеби и илјада, за старт. Кога сме регистрирани, тогаш можеме да ги користиме и мерките што ги дава Владата, програмата ИПАРД 2, мерката млад земјоделец, која обезбедува по дваесет илјади евра. Има големи можности, а кога си нерегистриран, просторот околу тебе е ограничен. Но и државата губи. Сега ние сме нерегистрирани. Кога бев на средба на министерот, му кажав јас сум нерегистриран и на државата не ѝ давам ниту еден денар. Барам механизам тоа државата да го регулира, по теркот на Хрватска, Словенија и други земји, открива Јаковлевски.

Со тоа, вели, се појавуваат и други можности.

-Покрај семејниот бизнис, семејните винарници даваат и можност за развој на винскиот туризам. Секоја фамилија во Хрватска, Словенија, има своја дегустациска сала, традиција на начин на правење вино, се дава можност за развој на тој вински туризам. Ние сме на неколку километри од автопатот Атина – Минхен, каде што има милиони туристи, а немаме можности да ги привлечеме во Кавадарци. Луѓето сакаат да дојдат, ама нема каде да дојдат, не сме регистрирани. Што и да правиме е незаконско. Тогаш се отвораат големи перспективи, големи можности. Има расположение кај Министерството да го регулира ова како ние што бараме. Кај некои од постојните винарници сè уште наидуваме на отпор. Мислат дека ако почнеме да произведуваме вино и го продаваме на пазарот, дека ќе ги иструеме гостите и туристите. Имаше и една таква изјава од еден вработен во винарска визба. Тие сметаат дека ние не сме доволно едуцирани и доволно подготвени за таква работа. Но ние и сега произведуваме, па мојот одговор на тоа беше дека досега ниту еден турист ниту се затрул ниту се отрул од вино. Мислам дека средбите во Министерството ќе влијаат позитивно и постојниот закон за вино ќе претрпи доволно измени и ќе стане доволно либерален за да биде во функција што побргу. Имавме три средби. Очекуваме парламентот да го разгледува по претседателските избори, додава Јаковлевски.

Тој е категоричен дека со отворање мали винарници, па и на мини капацитети за производство на ракија, ќе има поголема конкуренција на пазарот, па се очекува да расте и цената за килограм грозје во Тиквешко, како најголем лозарски регион во Македонија, но и во целата држава.

Мали дестилерии, земјоделци производители на алкохолни пијалаци и мали винарници

Овој закон произлегува од националната програма за усвојување на правото на Европската Унија, стои во документот на страницата на Собранието. Во дел од новите системски решенија, со цел усогласување со европските директиви, како и потребите за регулирање на пазарот на малите производители на алкохолни пијалаци за комерцијални цели, се воведува решението за мали независни производители на етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци за комерцијални цели – мали дестилерии. Воедно, во предлог-законот се пропишуваат одредби за нова категорија обврзници земјоделци – мали производители на жестоки алкохолни пијалаци, со кои се регулираат нивните права и обврски. За овие категории обврзници се пропишуваат износи на акциза кои се пониски во однос на редовните износи на акциза што ќе треба да се платат.

Тука е и пропишувањето нова категорија акцизни обврзници мали производители на вино за комерцијални цели – мала винарница, со цел усогласување со европските директиви од областа на акцизите. Притоа, тие треба да имаат вкупно годишно производство на вино не поголемо од 100.000 литри за кое не се плаќа акциза (нула денари). Со воведувањето на малите винарници ќе се овозможи регистрирање на производителите на вино и следење на производството на виното преку системот за движење и контрола на акцизни добра (EMCS – Excise movement and control system).

Мал производител на вино за комерцијални цели – мала винарница треба да ги исполнува условите за производство и промет на вино со вкупно годишно производство на вино не поголемо од 100.000 литри.

Во член 70 од предлог-законот, меѓу другото, стои дека мал независен производител на етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци за комерцијални цели – мала дестилерија, што произведува етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци како дел од неговата регистрирана дејност, треба да има вкупно годишно производство на етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци од најмногу 2 000 литри чист алкохол. Одредбите со кои се уредуваат постапките за поднесување на барањето и издавањето акцизна дозвола, како и обврските на имателот на акцизна дозвола се применуваат и за малиот независен производител на етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци за комерцијални цели. Малиот независен производител на етил алкохол и жестоки пијалаци е должен комерцијалните пакувања да ги обележи со специјална етикета во која е наведено дека алкохолниот пијалак е произведен под посебен режим на намалена акциза. На етикетата треба да бидат наведени податоци во согласност со прописите за безбедност на храната, име и адреса на производителот, процент на алкохол, вид на производот, како и број од решение од Агенцијата за храна и ветеринарство дека производот е соодветен за консумирање.

Во член 71 е наведено дека акцизата на етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци што ги произведува малиот независен производител на етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци, мала дестилерија, се плаќа во износ од 50 проценти од пропишаната акциза.

Во член 73 се опфатени земјоделците, мали производители на жестоки алкохолни пијалаци. Тоа се лица кои како суровина користат овошје и грозје за производство на жестоки алкохолни пијалаци наменети за натамошна продажба. Тие се должни до надлежниот царински орган да поднесат барање за регистрирање во електронскиот регистар на земјоделци – мали производители на жестоки алкохолни пијалаци, кој се води во надлежниот царински орган. Максимална дозволена количина на годишно производство е 2 500 литри жесток алкохолен пијалак со просечна јачина од 45 проценти, во распон од +/- 5 отсто алкохол.

-По исклучок од член 58 став (5) од овој закон, на произведената количина се плаќа акциза во износ од 30 денари по литар жесток алкохолен пијалак, под услов годишното производство да не ја надминува количината од став (2) на овој член, стои во предлог-законот.

Земјоделецот – мал производител на жестоки алкохолни пијалаци пред да започне со дестилирање на овошјето е должен да го извести надлежниот царински орган дека ќе започне со производство, наведувајќи ги точниот датум и време во кое ќе се одвива производството без прекин, местото на дестилирање, видот на овошјето што ќе го дестилира, количината на комина и очекуваната количина на жесток алкохолен пијалак. Тој веднаш, а најдоцна во рок од пет дена по завршување на производството, до надлежниот царински орган поднесува известување за произведената количина жесток алкохолен пијалак, при што поднесува и барање за подигање акцизни марки потребни за обележување на произведената количина жесток алкохолен пијалак. Во барањето за подигање акцизни марки се наведуваат количината и зафатнината на садовите во кои се планира продажбата на жестокиот алкохолен пијалак за крајните купувачи – физички лица и угостителски објекти. Жестоките алкохолни пијалаци произведени од страна на земјоделците – мали производители на жестоки алкохолни пијалаци, се пакуваат во садови со зафатнина најмногу до пет литри за крајните купувачи – физички лица и за продажба во угостителски објекти. Земјоделецот – мал производител на жестоки алкохолни пијалаци е должен да го означи пакувањето на жестокиот алкохолен пијалак со специјална етикета во која е наведено дека жестокиот алкохолен пијалак е произведен под посебен режим на намалена акциза и да го наведе бројот на регистрацијата во електронскиот регистар на земјоделци – мали производители на жестоки алкохолни пијалаци. На етикетата треба да се наведат името и адресата на земјоделецот – мал производител, процентот на алкохол, видот на производот, како и бројот од решението од Агенцијата за храна и ветеринарство дека производот е соодветен за консумирање.

Во два случаја била запленета ракија, 240 и 193 литри

Одговарајќи на прашање од МИА, од кабинетот на директорот на Царинската управа информираат дека во 2018 година и почетокот на 2019 година, во соработка со МВР, имаат реализирано два случаја на заплена на ракија.

-Во првиот се запленети вкупно 240 литри домашна ракија, а во вториот се запленети вкупно 193 литри домашна ракија. Одземената ракија и во двата случаја е пронајдена во возило, стои во писмениот одговор од Царината.

Светлана Дарудова

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП