Фолксваген одлучи да гради нова фабрика кај нашиот северен сосед Србија. Германскиот автомобилски гигант се одлучи за Србија во конкуренција на нашата земја, Бугарија, Романија и Турција.
Иако Бугарите беа фаворити за оваа инвестиција, компанијата од Волфсбург ја одбра Србија. Според првичните информации, првите автомобили на “Фолксваген” треба да излезат во 2023 година.
Не беше тајна дека Германците планираа да отворат нов објект во овој дел од Европа. Тие постојано јавно говореа, но дилемата беше во која земја.
Романија и Бугарија се членки на Европската унија, и се очекуваше тие прво да добијат нови инвестиции. Зад нив, според шансите беше Турција, која има голем пазар со 80 милиони жители, сепак германскиот гигант се одлучи за Србија.
Локацијата на идната фабрика сеуште не е соопштена, но српскиот претседател Александар Вучиќ во неколку наврати ја споменал Шумадија како адреса за инвестиции која целосно ќе ја промени “крвната слика” на Србија.
Новата фабрика на VW би требало да има капацитет од 300.000 возила годишно, а тоа ќе придонесе за извоз од 4,5 милијарди евра. Во Србија, треба да се произведуваат пет модели од Фолксваген, Шкода и Сеат, односно марки на возила што се составен дел на германската компанија.
Според некои претходни објави од Фолксваген, но и од Бугарија, која се надевааше на овој бизнис, инвестицијата вреди околу 1,4 милијарди евра. Се планира фабриката да има 5.000 вработени, од кои дури 650 инженери.